Македонија
2. јуни 2020 - 19:31

Промени во работата на штипските конфекции, исплашените текстилни работнички пешки заминаа на работа

Утринава дел до штипските текстилни работнички пешки заминаа кон своите работни места. Поради гужвите во автобусите со кои се превезуваат, се плашат дека можат да се заразат. Сепак мора да се нагласи дека на ваков чекор се одлучија само работниците кои живеат релативно близу до конфекциите, додека останатите од поодалечените населби и за оние кои работат во индустрискиот дел на градот, ова би било неизводливо. Денес се прошири и информацијата дека 5 –те конфекции кои треба да бидат затворени и понатаму работат, што ја демантираше на прес-конференција директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова.

Таму, да, во овој момент се присутни инспектори од ДСЗИ, инспектор од Државниот трудов инспекторат, кои потврдуваат дека во просториите на одредените конфекции се врши тестирање, односно се земаат брисеви од вработените и присуството на вработените е само на таа основа-изјави Ирина Сотирова-Бухова, директор на ДСЗИ.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека до 6-ти јуни ќе се земаат брисеви од 500 вработени во 5-те конфекции. Две екипи ќе работат на терен, а една во пунктот во Здравствениот дом, каде ќе се тестираат пациенти со упат од матични лекари. Од Сојузот на синдикатите, пак апелираа до кризниот штаб и инситуциите, со донесувањето на одлуката за затворање на конфекциите со цел заштита на јавното здравје, да се внимава и на правото на соодветна заработувачка на работниците и истите да бидат платени, како во деновите кога би оделе на работа.