Македонија
26. September 2022 - 9:21

Продолжува расправата за кризната состојба во енергетиката во матичната комисија

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да продолжи седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која на дневен ред се предлог-одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

Тоа ќе биде четврти ден расправа во матичната комисија, а по нејзиното завршување на пленарна седница ќе може да се гласа да продолжи уште половина година кризната состојба во оваа област, што е во сила со одлука на Владата од 1 септември.

Собранискиот спикер Талат Џафери укажа дека краен рок за изгласување кризна состојба е 28 септември, за да може да стапи на сила од 1 октомври.

Според власта, прогласувањето кризна состојба ќе овозможи механизми за справување со кризата. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи минатата недела нагласи оти имаат доволно аргументи за да побараат шест месеци период на енергетска криза, со цел граѓаните да бидат испочитувани со соодветни мерки за најмалку да ја почувствуваат кризата.

За пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, причината за лошата состојба со електричната енергија во земјава е на недомаќинското работење и намаленото производство на електрична енергија. Според нив требало во изминатите години да се зголеми наместо да се намали домашното производство.

Инаку, оваа недела треба да се знае од каде ќе се набавува електрична енергија за стопанството, додека за граѓаните и за малите компании кои се на регулираниот пазар, како што уверуваат надлежните, снабдувањето со електрична енергија е сигурно. Од Владата велат дека и грејната сезона ќе почне навреме.

Вицепремиерот Битиќи во саботата најави дека оваа недела е клучна кога би требало да се знае од каде ќе се набавува струја за стопанството.

– Има позитивни сигнали. Наредната недела ќе имаме конкретни сознанија што е тоа што можеме да го понудиме на стопанството, изјави Битиќи во саботата по манифестацијата посветена на граѓанските организации и социјални претпријатија.

Надлежните велат дека се преговара со сите соседни држави за да се обезбеди поевтина електрична енергија за стопанството и уверуваат дека нема да се склучи договор за набавка на струја по берзански цени.

Во моментот се преговара со Бугарија за набавка на струја, а в четвртокот министерот за економија Крешник Бектеши беше и во посета на Турција.

Надлежните уверуваат дека за домаќинствата и малите компании кои се на регулираниот пазар, до март ќе има струја. Уверуваат и дека ќе има и испорака на топлинска енергија. Вицепремиерот Битиќи е категоричен дека БЕГ, компанија на која и се одземени лиценците за работа, мора да испорачува топлинска енергија додека не се определи новиот економски оператор. Вели дека согласно законот, БЕГ е обврзана и да има доволно резерви на природен гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија.