Македонија
12. October 2018 - 16:38

Продолжува изградбата на гасоводот на Водно, активистите повторно со жив штит

МЕР продолжува со пробивањето на трасата за Гасовод на Водно и покрај забраната и реакциите од невладините. Од видеото на активистите на Го сакам Водно се гледа како багерите копаат и продолжуваат со сечата на дрва во и околу парк шумата. Договор меѓу невладината и МЕР нема. Револтирани се на односот на институциите кои се глуви на сите нивни барања. Ги демантираат МЕР дека  продолжиле со работа  со претходна согласност од активистите, велат цврсто стојат на ставот дека изградбата на гасоводот на Водно мора да биде спречена.

Теренот е тешко достапен и не е лесно да се следи ископот во целост но според активистите МЕР е во напредна фаза на изградба.

Директорот на МЕР Бајрам Реџепи е на службен пат и одби да одговори зошто продолжила изградбата и со кои активисти постигнале договор. Оттаму на кусо испратија соопштение дека се отворени за разговори и по принципот на инклузивност ги повикуваат граѓанските здруженија да ги разјаснат недоразбирањата.

Министерот за транспорт и врски тврди дека за сите прашања се носат одлуки преку јавните дебари но не одговори со чија дозвола и зошто се работи на пробивање на гасоводот. 

Од градот Скопје потенцираа дека со нивна проактивна заложба се постигнало договор за измена на трасата но за други чекори тие не се надлежни. Информираат дека во наредниот период преку соработка со Владата, меѓу другото ќе добијат 43 милиони денари за повторно пошумување на Водно, средства од МЕР како директна компезација за уништеното зеленило,  ќе носат закони за заштита на парк шумата Водно и на Матка како и дека 5 големи згради на јавни институции ќе приклучат на гасификациската/ топлификациската мрежа и ќе ги елиминираат од листата на загадувачи. Се уште не одлучиле кои згради но велат такви има 66 кои се греат на нафта, јаглен или дрво. Во меѓувреме од Град Скопје велат дека  формираат ново јавно претпријатие Градски енергетски системи АД Скопје (ГЕС) кое треба да работи на проширување на мрежата.

Парк шумата Водно содржи ендемски видови од животинско потекло. Градежните активности беа стопирани откако активистите со жив штит излегоа во одбрана на планината но сега повторно се вратија на почетокот и одново бараат решение по интитуционален пат.