Македонија
19. January 2021 - 16:54

Прилепчани направија отвор во форма на крст во замрзнатото Плетварско езеро

За прв пат во Македонија млади спортисти од Прилеп годинава го одбележаа празникот Богојавление или Водици со капење во планински води, на замрзнатото Плетварско езеро. Претходно тие направија дупка во форма на крст, во мразот дебел 15-тина сантиметри, во која влегуваа три пати. Велат дека досега никој го нема направено ова во планински води за овој голем ден за Православните христијани. Досега се фрлале по Светиот крст во базените во градот, но чувството тука било многу поразлично. Се надеваат дека ова ќе остане и како традиција.

„Во духот на верата и традицијата оваа година група спортисти на еден поинаков начин решивме да го одбележиме големиот празник Богојавление Христово. Целото езеро е замрзнато со мраз со дебелина од 15-тина сантиметри, дојдовме тука од раните утрински часови да го подготвиме теренот, направивме дупка во мразот во форма на крст за да го одбележиме овој голем ден“, вели Дарко Неданоски, спортист.

„Ова ми е втор пат како го одбележувам овој ден со влегување во водите, лани се фрлав по крстот, а годинава со оглед на пандемијата е поразлично. Ова е една убава традиција која се прави за здравје“, рече Наумче Трајкоски, спортист.

Пради пандемијата оваа година Светиот крст не се положуваше во реките, езерата и базените, но како и секоја година празникот се одбележа во Света Литургија во црквите во градот, а Богојавленскиот Водосвет се изврши во дворовите на храмовите. Во Прилеп на овој ден скоро секој верник кој доаѓа во црквата со себе носи и гулаб, кој го симболизира Светиот дух и го пушта да летни во моментот кога се пееше тропарот за празникот.

Верниците велат дека и покрај пандемијата, традицијата мора да се продолжи, нормално со запазување на протоколите за заштита од Ковид 19. 

„Годинава сме во помал број поради пандемијата и како што гледам луѓето си држат некоја дистанца, не се групираат“, вели еден верник.

„Еве пак како и секоја година ние остануваме верни на традицијата и на Бога. Но годинава еве ја имаме и пандемијата, па мора да внимаваме на се“, додаде друг верник.

После завршувањето на водосветот во црквите претставници на свештенството од прилепското Архијерејско намесништво, без присуство на верници, за прв пат ги осветија и водите на прилепското вештачко езеро.