Балкан
23. January 2020 - 15:19

При влез во БиХ странец мора да прикаже 76,7 евра за секој ден престој

 

Најмалиот износ на средства со кои странец мора да располага при влез во БиХ во 2020 година изнесува 150 конвертибилни марки или околу 76,7 евра за секој ден од планираниот престој во земјата.

Советот на министри на БиХ, на предлог на Министерството за внатрешни работи, донел одлука за најмалиот износ на средства што се потребни за издржување на странец за време на планираниот престој во БиХ, а тој износ не е менуван со години наназад.

Кога станува збор за нелегалните мигранти, во Службата за работа со странци во БиХ во периодот од 1 јануари до 30 септември 2019 година, се пријавени 22.211 незаконски мигранти, додека барање за азил поднеле 455 лица, пренесе порталот Кликс.

Најмногу мигранти биле од Пакистан (8.786) , а следат државјаните на Авганистан (2.359), на Бангладеш( 1.939), на Ирак (1.834) и на Сирија (1.390).

Во септември во БиХ биле пријавени 3.812 незаконски мигранти, што се за 19 отсто повеќе отколку во август.