Македонија
9. October 2015 - 17:19

Претседателот Ѓорге Иванов го посети Културно информативниот центар на Македонија во Софија

Покрај дипломатска, Македонија има и културна амбасада во Бугарија, порача претседателот Ѓорѓе Иванов при посетата на македонскиот културно-информативен центар во Софија, кој годинава одбележува 10 години постоење. Иванов му се заблагодари на директорот Васко Шутаров за напорите и активностите со кои овој центар ја промовира македонската култура. Со повеќе од 350 организирани настани и проекти и посета на околу 600 автори и книжевници, македонскиот културно-информативен центар во изминатава деценија го привлекува вниманието на бројна публика, но и на бугарските медиуми.  

„Благодарение на проектот на Министерството за култура, за превод на македонски автори на странски јазици веќе се потпишани 7 договори за преводи на македонски автори на бугарски јазик меѓу кои што некои книги се веќе издадени. Од печат е излезена книгата „Ѕвездениот корен“ од академик Анте Поповски преведена на бугарски јазик, за кој догодина ќе одбележиме 75 години од неговото раѓање. Имаме понуда која привелкува голем број посетители“, рече Васко Шутаров, директор на КИЦ на РМ во Бугарија.

Во рамки на одбележување на 10-годишното постоење, македонскиот културно-информативен центар годинава ќе биде домаќин на врвни оперски имиња и книжевници од Македонија, изложби и музички настани, а ќе биде дел и од саемот на книга во Софија.

Со посетата на македонскиот културно-информативен центар, претседателот Иванов ја заокружи тридневната работна посета на Република Бугарија.