Македонија
21. September 2016 - 14:54

Премиерот Димитриев в сабота во Виена на Самит „Миграцијата долж балканската рута“

Премиерот Емил Димитриев, в сабота на покана на австрискиот канцелар Кристијан Керн во Виена ќе присуствува на Самитот „Миграцијата долж балканската рута“, јави дописникот на МИА од Брисел.
 
Како што за МИА потврдија и од Европската комисија, станува збор за неформален Самит во организација на Владата на Австрија, каде по најавите за нов наплив на бегалци долж западно-балканската мигрантска рута, лидерите на земјите што се наоѓаат на овој пат се очекува да договорат заедничка стратегија за спречување на напливот.
            
На овој состанок, на покана на австрискиот канцелар Керн се очекува да присуствуваат и канцеларот на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел, унгарскиот премиер Виктор Орбан, премиерите Миро Церар на Словенија, Дачијан Чолош на Романија, Алексис Ципрас на Грција, Тихомир Орешковиќ на Хрватска и Бојко Борисов на Бугарија од земјите-членки на ЕУ. Од земјите долж западно-балканската рута што не се членки на Унијата, освен македонскиот премиер Димитриев, поканети се и премиерите на Албанија, Еди Рама и на Србија, Александар Вучиќ.
            
Институциите на Европската унија на овој состанок се очекува да ги претставуваат Доналд Туск, претседател на Европскиот совет и како што денеска потврди портпаролката на Европската комисија, Наташа Берто, еврокомесарот за внатрешни работи и миграциски прашања Димитрис Аврамопулос.
            
- Можам да потврдам дека еврокомесарот Димитрис Аврамопулос ќе ја претставува Комисијата на средбата во Виена овој викенд. Комисијата ги поздравува сите дискусии што може да придонесат за справување со бегалската криза и подобрување на управувањето на миграциските текови и границите со кооперативен пристап од страна на сите инволвирани. Ќе се сетите дека ваквата средба се одржа во Виена во август минатата година, на која комесарот Аврамопулос, исто така, присуствуваше, потенцираше портпаролката Берто.
 
Бидејќи овој Самит не е организиран од страна на Еврокомисијата, гласноговорничката на неформалната Влада на ЕУ побара сите заинтересирани за овој настан да побараат повеќе детали од Австријците. Оттаму, само потврдуваат дека мини-Самитот треба да започне во 11:00 часот, и ќе се одржи во зградата на Федералната Влада, а по свечениот ручек во 13 часот, предвидено е Самитот да заврши со заедничка прес-конференција во 14 часот.
 
Инаку, Австрија и Унгарија се двете земји-членки на Европската унија што уште пред година и пол, самоиницијативно и без поддршка на официјален Брисел, започнаа соработка со Република Македонија и останатите не-ЕУ земји долж балканската рута за нејзино затворање, со оглед на тоа што изминатиот период по неа поминаа околу милион и пол бегалци. Овие две земји сметаат дека не успева стратегијата на Европската унија за справување со оваа криза, а не му веруваат ниту на договорот со Турција за непропуштање на бегалците. Токму затоа сакаат преку регионална соработка со балканските ЕУ и не-ЕУ земји да го спречат мигрантскиот наплив.