Македонија
22. February 2019 - 16:18

Премиерот бара, но роднините вработени по линија на непотизам ретко се откажуваат од работните места

Само пет откази на повеќе од една недела по повикот на премиерот Заев, роднините на функционерите од власта да ги испразнат канцелариите во јавната администрација. Од вчера нови работни места си бараат братот и сопругот на пратеничката Мира Стојчевска, додека нејзиниот син, останува на државна плата во ЕЛЕМ.

Си замина и дедото на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски од работата која не беше за фалење, но платата на неговата сестра и баба и натаму ќе се плаќа со парите на граѓаните.

Откази пред неколку дена поднесоа и синот на собранискиот потпретседател Мисовски и мајката на партискиот портпарол Костадинов. Од СДСМ велат дека очекуваат нови откази но дека тоа, сепак е личен чин

Ако во СДСМ за една недела оставки си поднесоа петмина, во ДУИ, никој нема намера да се откаже од државна плата, иако премиерот Заев, секој ден, па и денеска повторува дека моралните норми важат за сите.

И додека Заев бара откази, сестрите на неговите министри Адеми и Бектеши чекаат државна плата во МЕПСО и ЕЛЕМ, каде што се колешки со ќерката на Талат Џафери. Ново вработување доби и сестрата на потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи.

Од ДУИ децидни дека немаат намера да бараат нивните роднини да се откажат од државната плата бидејќи како што велат, тие не ги вработиле

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска јавуваат за нови вработувања на најблиските роднини на пратениците на СДСМ

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека власта во периодот што следи ќе продолжи со како што велат политички прогон врз неистомислениците за да можат да го скријат криминалот кој според опозицијата од ден во ден станувал се поевидентен.