Македонија
25. May 2018 - 16:10

Преговорите за името продолжија - Ципрас: Ако добиеме одредница пред името ќе биде голема победа

Одредница пред името Македонија ќе биде голема победа за Грција, вели грчкиот премиер Алексис Ципрас кој денеска беше во посета на Солун.
Ципрас одговарајќи на новинарски прашања по средбата со солунскиот градоначалник Бутарис рече дека Грција не е влезена во преговорите за да го даде името, туку да си го земе назад потсетувајќи дека Македонија веќе 70години го користи без никаква одредница

„Тоа е оксиморонот, имаат државен ентитет што 70 години се вика Македонија, а немаат никаква врска со Александар Велики и со овој историски тек. Имаат словенски и албански корени и го признаваат тоа. Што значи, ако добиеме одредница пред името Македонија е голема победа и уште поголема да се договориме дека едно е нашата Македонија што доаѓа од долгата традиција на грчкиот антички свет, а друго е нивната традиција и нивниот културен знак“

Ставот на Ципрас доаѓа во екот на последната рунда преговори на шефовите на дипломатиите Димитров и Коѕијас со посредство на медијаторот Нимиц која од вчера се одржува во Њујорк.
Таму македонскиот министер за надворешни работи дојде со предлогот Република Илинденска Македонија од кој премиерот Заев не се откажува иако официјална Атина го дефинираше како неприфатлив и побара решението на спорот да се бара меѓу предлозите на Нимиц без да се зема предвид предлогот Република Македонија Скопје.
Ставот уште еднаш го повтори и портпаролот на грчката Влада кој во интервју за грчката телевизија Скај рече простор за решение постои, но исходот останува неизвесен.

„ Мислам дека постојат можности, постојат доста веројатности, но не можам во никој случај да го предвидам исходот на отворените преговори. Но, сметам дека постојат и политички и технички предуслови за да стигнеме до договор. Меѓутоа, ова зависи, не само од Грција, туку и од поранешната југословенска Република Македонија. Ние имаме поставено два предуслови на маса, ерга омнес и заемно прифатливо сложено име“

Премиерот Заев минатата недела го понуди името Република Илинденска Македонија прифаќајќи тој да се користи за севкупна употреба и земајќи обврска Македонија да го смени Уставот. По експресното одбивање од грчка страна, Заев во ТВ дуелот со опозицискиот лидер Мицкоски потенцираше дека за предлози со друга одредница, не важи пакетот кој го понуди минатата недела.