Македонија
11. December 2019 - 13:08

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат поддршка за нивниот предлог за укинување на Законот за трговија на зелените пазари

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара пратениците од владејачкото мнозинство да го поддржат нивниот Предлог-закон со кој се предвидува укинување на Законот за трговија на зелените пазари, а не да чекаат ист таков да им стаса од Владата, која, како што велат, поради тоа што е свесна дека се наоѓа во предизборен период најавила негово повлекување.

-Штетноста на овој закон веќе две години ги држи на нозе незадоволните пазарџии, а Владата секоја година си игра со егзистенцијата и чувствата на пазарџиите. Законот за трговија на зелени пазари беше донесен од страна на парламентарното мнозинство   во   јануари   2018   година по скратена постапка и   требаше   да   се   применува   од почетокот на 2019 година. Во   недостаток  на консултации со засегнатите страни   односно   пазарџиите, но и со пензионерите, истиот наиде на негодувања и протести со што  примената  на законот беше одложена за до почетокот на 2020 година. Ваквото решение беше исклучиво за умилкување од страна на СДСМ за смирување на пазарџиите кои протестираа во пресрет на најавените претседателски избори, рече на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Тој додаде дека во меѓувреме на 8 ноември оваа година пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднела Предлог закон за престанување на важност на законот за трговија на зелени пазари, кој денеска се наоѓа на дневен ред на  денешната 123. седница на Собранието.

-Овој закон го поднесовме бидејќи сакаме најискрено да им помогнеме на пазарџиите односно да се укине законот , а не да се манипулира со оваа група на граѓани во зависност од тоа дали е предизборен период или не, како што тоа го прави Владата предводена од СДСМ и ДУИ, рече тој.

СДСМ, додаде Мицевски, свесни дека се наоѓаат  во предизборен  период најавуваат најавиле повлекување на законот чие стапување во сила неколкупати било одложувано, посочувајќи ги причините кои што ВМРО-ДПМНЕ ги говорела уште кога се носел овој штетен закон.

-На   овој   начин   СДСМ   уште   еднаш   покажа   дека   ниту   ги   интересира   да   се   подобри статусот на пазарџиите, ниту сакаат да им помогнат, туку единствено што ги интересира е како да не претрпат штети на предвремените парламентарни избори. Ги повикуваме пратениците од парламентарното мнозинство да го подржат Предлог законот поднесен од страна на ВМРО-ДПМНЕ за престанок на важност на законот за трговија на зелени пазари кој што денес е на дневен ред, а не да чекаат ист ваков закон да биде пратен од страна на Владата со што ќе докажат дека се борат за интересите на пазарџиите, а не за
спроведување на партиските агенди на СДСМ и ДУИ, рече Мицевски.