Македонија
5. August 2021 - 9:45

Пожарот кај Робово и Умлена сеуште активен

Огнената стихија сеуште ги става во опасност мештаните од селата Умлена и Робово кои се најзагрозени од пожарот кој цела ноќ гореше во нивна близина.

Александар Мачевски, жител на Робово, утрово информира дека најкритична сеуште е ситуацијата кај Умлена каде во текот на ноќта пожарот се гаснеше интензивно и посочува дека тој е се поблизу.

– Утрово имаше хеликоптер во извидница, очекуваме наскоро да дојдат други хеликоптери и да почне да се гаси огнот. Голем број од мештаните синоќа беа на првата линија, заедно со Армијата и од утрово помагаа. Да се надеваме дека ситуацијата денес ќе биде подобра, изјави Мачевски.
 
Во гаснењето од вчера се вклучи и тимот од 25 пожарникари од Бугарија. Комесарот на единицата од Благоевград, Георги Пармаков информираше дека веднаш по пристигнувањето им биле доделени задачи и дејствувале на поголем простор во Пехчевско до доцна во ноќта, а продолжуваат да пружаат помош и од утрово.
 
Во меѓувреме на Фејсбук, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов истакна дека три српски и еден наш хеликоптер се на пат кон опожареното подрачје со цел да ја пружат потребната помош.
 
Од полицијата информираа дека по стабилизирањето на ситуацијата е пуштен за сообраќај и патот Делчево – Пехчево – Берово, кој синоќа поради алармантната состојба беше пренасочуван преку алтернативни патни правци.
 
-Патот е пуштен за сообраќај и возилата кои се движат на овој патен правец не се задржувани. Од она што можеме да го кажеме засега ситуацијата е помирна, велат од полицијата.
 
Последните информации околу вториот пожар кај маалото Пасјак, во делчевското село Нов Истевник говорат дека истиот е под контрола. Во гаснењето на пожарот синоќа кај Пасјак беа ангажирани 2 возила и 40 луѓе кои дежураа цо текот на ноќта.