Македонија
19. May 2024 - 16:29

Повторно доцни сеидбата на ориз во атарите на селата на Општина Чешиново-Облешево

Водата за наводнување никако да стигне до оризовите површини во атарите на селата од општина Чешиново – Облешево. Оризопроизводителите се жалат дека со овој акутен проблем со соочуваат со години наназад. Површините се подготвени за сеидба, трошоците се направени, а не можат да ги посеат.

- Фрлено е ѓубриво, спремни се за сеидба, а водата ја нема, изјави Борче Зафиров, оризопроизводител од с. Уларци

- Сеам површина од 12 хектара под ориз. Не сум заводоволен од водостопанство „Брегалница“, никако. Значи секоја година не изигруваат. За оваа година ни беше ветено дека вода ќе се пушти на 6-ти мај, а капка вода нема. Ние имаме вложено многу труд, репроматеријал, финансиски средства имаме многу вложено. Тоа го знаеме само ние земјоделците, нивите по 5-6 пати ги обработуваме, изјави Лазо Стојчев, оризопроизводител од с. Уларци

Доцната сеидба значи и намален квантитет и квалитет на годинашната реколта, зашто постои оптимален рок за одредени сорти на ориз.

- Штетите се катастрофално големи. Секој земјоделец е фрлил по 2000-3000 евра, а на семињата кои треба да ги посееме им помина рокот, зашто оптимален рок е до 15-ти мај. Каде да одиме, каде да протестираме- изјави оризопроизводител

Незадоволни се и зашто секоја година уредно го плаќаат водниот надоместок, но не добиваат навремена и квалитетна услуга.

- На ниво на опшптина, каде што ние гравитираме, Чешиново-Облешево, јас верувам дека над 99% е извршена наплатата за вода за наводнување- додаде Зафиров

Од водостопанство „Брегалница“ посочуваат дека водата е пуштена во хидросистемот, но доцни поради неисчистени канали, зашто имале дефект на една од машините, но проблемот веќе е надминат.