Живот
15. April 2020 - 9:03

Повеќе од 1000 родители си играат со децата во групата „Заедно дома“

Дали се согласувате да не објавувате содржини што не се во согласност со детската благосостојба – ова е прашањето што ќе ве „пречека“ доколку сакате да станете член на фејсбук групата „Заедно дома“. Осмислена од Детската амбасада Меѓаши како платформа за споделување идеи за креативно трошење на времето во оваа вонредна состојба, групата за една седмица обедини над илјада родители. Во овој период, се чини како нивната креативност да е ставена на тест, а според објавеното, сите претендираат за највисоката оценка. Секојдневно се споделуваат видеа и фотографии што го прикажуваат новото секојдневие на најмалите, кои пак уживаат во тоа да ги покажат резултатите од имагинацијата на нивните мајки и татковци.

-Секаде каде што може да излеземе во пресрет, ние го правиме тоа. Па така и „Заедно дома“ ја смисливме како место каде што родителите ќе можат да споделуваат, да се инспирираат меѓу себе семејствата да го искористиме времето на начини кои не се вообичаени. Вообичаените услови не ни ги дозволуваат толку тие начини, а тоа е да создаваме креативни идеи, да создаваме нови вештини кај децата и заеднички забави за квалитетно поминато време. Токму тоа беше и целта, да им се обезбеди простор на децата креативно да се изразат, да се ослободат од секојдневните грижи кои се поврзани со тековната состојба и децата да почувствуваат сигурност и безбедност дека што и да се случува надвор од дома тие имаат што да научат вон училишните простории нешто заедно со своите родители – раскажува за Македонскиот медиа сервис, психологот Јорданка Черепналкова Трајкоска.

 

-Се споделуваат идеи за физички активности, особено за развивање на локомоторните способности кај децата, некои од нив учат нови песнички, некои изведуваат претстави и слично. Дел од мајките споделуваат рецепти за создавање пластелин со состојки од кујната – додава нашата соговорничка.

Иако фотографиите кажуваат доволно, побаравме коментар и од мајките. Една од нив е и Валентина Ѓорѓиевска која смета дека родителите имаат одлични идеи, кои пак, нејзе и’ помагаат подобро да го помине времето со тригодишната ќерка Ева, но истовремено таа ја користи и својата имагинација.

-Јас и мојата ќеркичка сме во еуфорија за празникот кој следи, па испечатив дизајни од јајца да можеме да ги „офарбаме” како сакаме и направивме неколку фигури користејќи гајба за јајца, лепак за хартија, ножици и водени бои. Кога времето е убаво си играме и во дворот. На пример, играме со песок или со топка, а понекогаш криеме предмети и Ева ги наоѓа. Во една прилика таа ги искористи лаковите за нокти на мама, за да научи како да се лакира кога ќе порасне – ни изјави Ѓорѓиевска.

На иста возраст со Ева е и малата Јована која ужива во разноразните активности што ги прави по дома со својата мајка Александра, иако на почетокот не била расположена за „соработка“.

-Јована на почетокот не сакаше баш да соработува, ама благодарение на групата на нејзините воспитувачки која ја имаме на ФБ почнавме да споделуваме идеи и така знаејќи дека тие ќе го оценуваат тоа, таа доби мотивација за работа. Сега секојдневно знае дека треба да сработиме нешто за да покажеме на учителките од градинка, тоа и’ доаѓа како игра. Понекогаш другарчињата и’ недостигаат, па знае да праша дали ке одиме денес во градинка. Инаку работиме двапати во текот на денот, еднаш пред ручек и еднаш навечер пред спиење – објаснува Александра Миленовски.                                                                                                                                                                    Таа по професија е наставник па во новонастанатата состојба искористила дел од материјалите што ги користела и со своите ученици, а истовремено црпи идеи и од „Заедно дома“.

-Мој совет до сите родители е да го искористат колку можат попродуктивно своето време со своите дечиња. Кога немавме толку слободно време немавме ни време за децата. Сите знаеме каков брз живот живееме, затоа сега да уживаме со децата и да се трудиме заедно да научиме нешто ново – порачува Миленовски.

Од Меѓаши сметаат дека вонредната состојба овозможува да се видат позитивните страни и на социјалните медиуми и на технологијата кои им помагаат на луѓето да не се чувствуваат изолирани, туку да се поврзат со оние што имаат слични проблеми.

-За да бидеме сигурни дека е безбедна рамката, дека е безбедна платформата поставени се правила на групата кои треба да се почитуваат. Се укажува што смее, што не е дозволено да се објавува на страницата – истакнува психологот Јорданка Черепналкова Трајкоска.

Според неа, во вакви услови луѓето може да откријат нови потенцијали за кои претходно можеби немале време.

-Задоволни сме бидејќи погодивме вистинска потреба која реално постои помеѓу родителите, завршува психологот.