Македонија
10. October 2018 - 13:14

Потребно е подобрување на животот на слепите и слабовидните лица

Подобрување на животот на слепите и слабовидните лица, изградба на Дом за стари и изнемоштени слепи лица и на Национален центар за рехабилитација на слепи лица каде ќе можат постојано да престојуваат, да учат занимања, Брајово писмо, компјутери, говорни програми, јазици. Ова се само дел од барањата на слепите и слабовидните лица во Македонија.

Во организација на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија денеска се одбележува 15 октомври 2018 година-Меѓународниот ден на Белиот стап, симболот на слепиот човек, воедно и сообраќаен заштитен знак, признат од ОН.

Генералниот секретар на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија Стерја Димов изјави дека потребни се повеќе аудио книги за слепи лица и потпишување на Маракеш конвенцијата, меѓународен договор за пристапност до аудио литератира за слепи лица. Непостојат многу тактилни патеки, нема звучни семафори, има огромни физички бареиери. 

Најголем проблем, како што рече, е неможноста за пристап до информации. Поголем дел од веб-страниците на институциите не се пристапни за слепите лица и тие не можат да слушаат. 

Димов рече дека преку своите 17 општински и меѓуопштински здруженија на слепи лица, членови им помагаат на повеќе од 2.550 слепи и слабовидни лица од целата држава. 

Советникот на министерката за труд и социјална политика Вангел Тркаљанов изјави дека се обидуваат максимално да им излезат во пресрет на слепите и слабовидните лица. Информира дека ги финансираат нивните проектни активности со кои им се овозможува да имаат повеќе активности и ќе се придонесе за посамостоен и поактивен живот. 

Тоше Илиев од Кочани, член на  Националниот сојуз на слепите на Република Македонија изјави дека слепите лица се интелигентни и скаат да учат, да истражуваат, да се надоградуваат и затоа апелираше институциите да обезбедат повеќе аудио книги. 

- Голем проблем е да се живее во оваа состојба зошто цело време чувствуваме зависност од некој друг, кој треба да биде покрај нас. Имаме право на персонални асистентни, што е во ред, рече Илиев. Додаде дека дел од слепите лица не се согласуваат на тоа, некои не сакаат или не можат да фукнционираат или да бидат зависни од некој друг, најчесто странец. 

Меѓународниот ден на Белиот стап во Македонија се одбележува повеќе од три децении, а во светот од 1930 година.