Бизнис
7. February 2017 - 14:48

Потпишан Меморандум за соработка за производство на пелети

Меморандум за соработка за производство на пелети, инвестиција вредна 10 милиони евра и 500 вработувања, денеска потпишаа ЈП Македонски шуми и словачката компанија „Холц консалтинг“.

Заменик министерот за економија Христијан Делев појасни дека оваа соработка е дел од иницијативата на Министерството за привлекување на поголем број странски инвеститори, а со Холц консалтинг за оваа соработка разговарале една година.

- Станува збор за производство за пелети кои ќе се изработуваат од отпадот, односно шумскиот и земјоделскиот отпад кој досега не се користеше. Целиот тој отпад кој останува од лозјата, по полињата ќе се собира и ќе се произведуваат пелети. Компанијата покрај производството ќе има и дистрибутивна мрежа, истакна Делев.

За изградба на фабриката, според него, селектирани биле две локации, а за компанијата најважно било да бидат близу до коридорот 10 и до железница бидеќи ќе имаат голем извоз, а точната локација ќе биде утврдена за две недели.

- Поголем дел од суровината ќе биде увезена од САД и од Украина, бидејќи ќе имаат потреба од поголемо производство, односно месечното произведство на пелети ќе биде двапати поголемо отколку домаќинствата во цела Македонија да се загреваат на пелети, појасни Делев.

Од производството на пелетите, за потребите во Македонија, компанијата ќе произведува околу пет до седум проценти, додека глевен пазар односно ќе се извезува во Италија која, како што рече Делев, во моментов има потреба од повеќе од девет милиони тони пелети.

Во однос на цената на пелетите, заменик министерот рече дека таа ќе биде берзанска, но и дека ќе биде многу пониска од сегашната цена во Македонија.

Претставникот на компанијата од Чешка Хенри Кубичка појасни дека пелетите претставуваат зелена енергија и во однос на нивната искористеност во ЕУ како извор на енергија, таа расте во просек за десет проценти на годишно ниво.

- Ќе изградиме фабрика што ќе ги собира отпадоците од шумите и полињата и ќе произведуваме пелети. Во првата фаза ќе бидат реинвестирани околу 10 милиони евра и ќе вработиме околу 500 луѓе во првите три години од проектот со план за зголемување на оваа бројка во наредниот период. Производството на пелети ќе се користи за македонскиот пазар, но најголем дел ќе се извезува, истакна Кубичка.

Тој најави дека во втората фаза ќе се изгради фабрика за производство на печки за пелети што би ги замениле сегашните печки кои, како што рече, можеби не се толку зелени, и тоа се одразува на воздухот.

Директорот на Македонски шуми Жарко Караџоски појасни дека меморандумот содржи основни одредби со кој Македонски шуми се обврзува на Холц консалтинг да и обезбеди потребна суровина и друга логистичка поддршка за отпочнување на процес за изградба на фабрика.

- Ова е прв чин, а по склучувањето на меморандумот ќе пристапиме кон конкретни потези. Прво ќе регистрираат фирма во Македонија, а со таа компанија ние ќе склучиме договор за соработка на пет години со кој ќе се прецизираат сите  обврски кои се во рамките на процесот за производство на пелети, информираше Караџоски.

Потенцира дека со овој преддоговор Македонски шуми се обврзува, првенствено да ги обезбеди клиентите кои сега се снабдуваат со огревно дрво од Македонски шуми.

- Онаа дрвна маса која ќе ја дадеме на компанијата, таа иста суровина ќе ја задоволува првенствено потребате на граѓаните на Република Македонија, истакна Караџовски.