Македонија
18. August 2020 - 19:53

Постигнат договор за Влада - Заев останува премиер, ДУИ добива премиер на 100 дена пред избори

Заев ќе биде премиер, Албанец ќе биде претседател на владата на 100 дена пред крајот на нејзиниот мандат и покрај тоа што ќе се укине пржинскиот модел. СДСМ и ДУИ ја договорија новата владина коалиција.

Ахмети е убеден дека идната влада ќе го има најуспешниот мандат. Прашан за коментар по неуспехот да ја реализира идејата за премиер Албанец, Ахмети вели дека рововските позиции не носат добро за граѓаните. Според него, целта била да се испрати порака и таа е постигната.

Новата Владина коалиција ќе има тесно мнозинство во собранието од 62 пратеника. Покрај СДСМ и ДУИ, за нејзиниот избор ќе гласа и ДПА. Како ќе изгледа новиот владин состав ќе решаваат органите на партиските тела на седниците закажани за утре. Таму ќе се донесе одлука и за продолжението на конститутивната седница на Собранието иако името на идниот претседател на Собранието е веќе договорено.

Меѓу своите приоритети, новата влада ги става реформите во судството преку негово пречистување,  но и проверка на потеклото на имотот на сите политичари. Покрај ова Заев најави укинување на пржинската влада и враќање на редовниот изборен модел.  Вети намалување на администрацијата за 20% и потесен владин кабинет во кој нема да има место за министри без ресор, освен вицепремиерите. 

Новиот Владин состав се очекува да се најде пред пратениците до крајот на неделата до која треба да заврши и конститутивната седница. И покрај рокот од 15 дена за закажување на седница за избор на Владата, очекувањата се дека новите министри ќе седнат во своите кабинети пред крајот на месецов.