Балкан
14. September 2015 - 22:29

Постигнат договор за интензивирање на кипарскиот мировен процес

Лидерите на кипарските Грци и Турци, Никос Анастасијадес и Мистафа Акинџи денеска се договорија да ги интензивираат преговорите за постигнување мировна спогодба за поделениот остров, соопшти пратеникот на ОН за Кипар, Еспен Барт Ејде. 

Тој нагласи дека двацата лидери изразиле подготвеност за интензивирање на преговорите со псоредство на ОН, со цел „за само неколку месеци да биде прекинат повеќедеценискиот застој во обидите за повторно обединување на Кипар“.

- Лидерите сметаат дека следните месеци ќе бидат клучни за (мировниот) процес, изјави Ејде по средбата со Анастасијадес и  Акинџи во Никозија.

Ејде нагласи дека двајцата лидери се согласиле дека треба да ја „интензивираат својата работа“, односно во следните месеци да се среќаваат почесто во обид што поскоро да најадат одржливо решение.

Наредните официјални средби на Анастасијадес и Акинџи се закажани за 12 и 30 октомври, а пред тоа е предвидено тие да одржат низа „тет-а-тет“ разговори во тампон зоната што ги раздвојува двете кипарски држави.

Двајцата лидери, чии преговори беа возобновени пред четири месеци, се надеваат во првата фаза да најадат решение за имотните прашања и територијалните регулативи, со што би се трасирал патот кон конечен мировен договор и кон обединување на Кипар.