Македонија
19. January 2016 - 14:21

Полицијата откри возила кои превезувале илегални мигранти

Осуммина илегални мигранти се повредени откако возилото во кое биле превезувани се превртело при обид да избега од полицијата. Полицијата успеала да го сопре второто возило во кое имало десет мигранти, додека третото возило од истата колона успеало да избега.   

Како што соопшти полицијата, околу 5:30 часот вчера мешовита полициска патрола, во реонот на селото Богородица забележала три патнички моторни возила „ауди“ со скопски регистарски ознаки. Првото возило имало улога на „чистач“, додека во другите се превезувале мигранти.

Во координација со друга патрола направен е обид за сопирање на возилата, кои на знак на полицијата не застанале и со голема брзина наместо кон Скопје продолжиле со движење кон Валандово.

Едното возило кај раскрсницата Брајковци-Пирава-Валандово излетало од коловоз и се превртело. Возачот го напуштил местото на настанот, а со повреди се здобиле осум мигранти, кои со две амбулантни возила се пренесени во Градската општа болница - Гевгелија, каде им се констатирани телесни повреди. Се работи за шест лица од Мароко и две од Пакистан.

Мешовитата патрола продолжила со следење на другото возило по регионалниот пат Струмица-Штип и во близина на село Градошорци заедно со патрола од полициската станица Струмица било сопрено. Во возилото се пронајдени 10 илегални мигранти и тоа четворица од Либија, две од Пакистан, три од Алжир и еден од Мароко, како и возачот З.Р.(28) од Скопје. Третото возило не е пронајдено.

Како што соопшти МВР, се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.

Ноќеска, пак, триесет минути по полноќ, мешовит патролен тим на полицијата триесет на автопатот Скопје-Гевгелија во близина на село Удово, забележано е возило „Шаран“ со скопски регистарски ознаки управувано од А.Е.(25) од Албанија, во кое се пронајдени 12 илегални мигранти од Сомалија, Иран и Бангладеш.

Возачот е лишен од слобода, а илегалните мигранти се приведени во полициската станица „Богородица“ за натамошна постапка.

Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот.