Македонија
10. јуни 2020 - 17:17

Полицијата ги заострува казните. Каде, кога и под кои услови е задолжително носење заштитна опрема?

Засилени полициски контроли за почитување на заштитните мерки. Само во текот на изминатото деноноќие изречени се 1.143 казни за не носење маска, додека претходно за 4 дена полицијата казнила околу 2.750 лица. Од Министерството за внатрешни работи велат дека регистрирале повеќе прекршоци бидејќи согласно препораките, службените лица се многу поприсутни на терен. Од друга страна, граѓаните велат дека носат маски како што налагаат пропишаните мерки.

Освен во станбените дворови, граѓаните немаат обврска да носат маска доколку на јавни површини или во автомобил единствено доколку се сами или во придружба со член од семејството, со кого живеат на иста адреса и имаат доказ за тоа.

“Затоа го потенцирав моментот живеалиште на иста адреса. Тука е тој момент, имаме и забелешки од граѓаните кога на лице место ќе констатираме таква состојба и најчесто се работи за лица кои што се во љубовна врска, но не живеат на иста адреса и според уредбата тие треба да носат заштитна респираторна маска и ние тоа го санкционираме доколку го утврдиме како такво. Но, доколку се на иста адреса, нема потреба да носат”, вели Ристо Ставревски, началник на СВР Скопје.

Не мора да се носи маска и додека се спортува или се вози велосипед, но само таму каде што може да се одржува потребната дистанца.

“Секој индивидуален спорт, меѓу кои и велосипедизмот, нема потреба лицето да носи заштитна маска. Меѓутоа, доколку вие со велосипедот се појавите на јавно место, каде што не може да одржувате социјална дистанца со други физички лица, тогаш е потребно да ја ставите маската на вас. Ако вие се симнете од велосипедот и поминувате низ површина каде што има зголемен број на граѓани и вие се доведувате во опасност, а ги доведувате во опасност и останатите граѓани околу вас. Но, доколку вие возите на велосипедска патека велосипед, во таа состојба не загрозувате никого, не сте ни вие загрозени и не е потребно да се носи како индивидуален спорт респираторна маска на себе”, објаснува началникот Ставревски.

Иако од Министерството за внатрешни работи сметаат дека свеста кај граѓаните секој нареден ден е на сè повисоко ниво, сепак тие ќе продолжат со засилени контроли на терен, како во главниот град, така и во сите општини и населени места, каде има зголемен број на инфицирани лица од Ковид-19.