Македонија
11. February 2019 - 16:21

Почна отстранување на називите и таблите со ,,Република Македонија‘‘ - се чека нотата за да се постави новото име

Рано утринава фасадата на владината заграда осамна без буквите од називот на институцијата: Влада на Република Македонија. Буквите се извадени како подготовка за новиот натпис со новото државно име. Според уставните измени името Република Северна Mакедонија веќе е во сила, а за да се примени ќе треба деновиве  да се направат уште неколку дипломатски и административни  чекори.

Отстранувањето беше направено без да стигне вербалната нота од Атина дека грчката страна ги исполнила обврските од спогодбата од Преспа, а која се најaвува за денеска. Поставувањето на новиот назив ќе треба да се направи деновиве откако ќе заврши целата процедура.

Oсвен за буквите за новиот назив на Владата се прават и подготовки за утрешната церемонија за поставување на знамето  на НАТО алијансата...

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, тврди дека поставувањето на знамето на НАТО е само изговор за симнувњето на буквите. Според нив се работи за обесчествување на државата.

Република Македонија е обесчестена и обезличена. Зградата со адреса Илинденска број 2 во Скопје, осамна без буквите Влада на Република Македонија!...согласно зборовите на Зоран Заев, Македонија е обезличена, Македонија е обесчестена и не држи она оправдување за знамето на НАТО, бидејќи знамето на НАТО се вееше пред Владата на Република Македонија и додека на неа стоеја светите букви Влада на  Република Македонија.

Владата е единствената државна институција кој денеска го тргна називот со старото име за да направи место за Република Северна Македонија. Се уште стојат таблите и буквите во Собранието на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, министерствата сместени во зградата на поранешна Нова Македонија, министерството за правда. Нема промени во името на државата и кај министерството за економија. Таму единствено стои двојазична табла.

Но и тие наскоро ќе бидат променети.

Прв чекор за тоа е вербалната нота од Грција. Потоа, следува објава во Службен весник од Владата за тоа дека во сила е новото државо име со сет мерки кои треба да ги преземат институциите за негова примена. Истовремено следува и заедничко писмо на Атина и Скопје до генералниот секретар на ОН Гутереш дека во сила е Конечната спогодба за решавање на деценискиот спор.

По ова, Република Северна Македонија на соодветен начин ги информира Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останите меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени, велат од МНР.

Европската комисија веќе информираше дека ќе почне да ни се обраќа со новото име веднаш по известувањето од Владата за настанатите промени. Дипломатски извори за МИА велат дека тоа ќе случи до среда или пак, на 18-ти феверуари кога е закжан состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.

Во меѓувреме, откако како во петокот Грција прва го ратификуваше протколот за членство во НАТО, неделава се очекуваат уште  две ратификации: денеска во Словенија и во четврток во Албанија. Брзи ратификации се најауваат и во Бугарија, Чешка, Словачка.