Македонија
10. March 2016 - 17:32

Почна функционирањето на системот за донирање на облека

Од денеска почна да функционира системот за донирање на облека, кој претставува проект изработен од страна на асоцијацијата „Ајде Македонија“ и ДСУ „Наум Охридски“ - Скопје. Неговите цели се намалување на фрлањето на отпадот од текстил, помагање на лицата од социјално загрозени семејства и овозможување на лицата со посебни потреби да покажат дека можат многу да придонесат во општеството.

Овој проект ќе им овозможи на граѓаните стариот текстил, посебно стара облека да ја донесат во контејнерот, кој е поставен пред училиштето. Со тоа ќе придонесат кон здравата животната средина, подобрување на благосостојбата на социјално загрозените лица и на учениците со посебни потреби кои ќе можат да покажат што умеат.

Проектот, кој се изведе во координација и директна вклученост на тимот на „Ајде Македонија“ и во соработка со кадарот на училиштето овозможи учениците со посебни образовни потреби од сите струки целосно да го изработат целиот процес на собирање, преработка и донирање на стариот текстил.

Контејнерот е изработен од машинската струка, градежната струка го бојадиса контејнерот за текстил, графичката струка ги направи флаерите за промоција, додека текстилната струка ќе се грижи за преработка на текстилот за да добие форма која е соодветна за употреба.

Акцијата се реализира како дел од програмата на Цивика мобилитас имплементирана од Македонскиот центар за европско образование.