Македонија
23. April 2019 - 16:04

По 19 години затвор за убијците на Никола Саздовски

По 19 години затвор заработија двете момчиња обвинети за убиството на Никола Саздовски. 19 годишниот Бесир Беља и една година постариот Скендер Демири, судот  ги прогласи за виновни бидејќи во текот на постапката се утврдило дека од нивното тепање починал Саздовски.

Освен Беља и Демири, обвинет е и 19 годишниот Јетон Љужа но тој е недостапен за судот и се бара со потерница.

Судијката Даниела Алексовска-Стојановска објасни дека психијатриското вештачење покажало оти Беља и Демири биле пресметливи и свесно го сториле кривичното дело. Алексовска – Стојановска наведе дека двајцата обвинети ја избегнале доживотната затворска казна бидејќи кривичниот законик предвидел затворски казни до две деции за обвинети кои немаат наполнето 21 година.

Родителите на Саздовски, во солзи ја слушааа пресудата за двајцата обвинети. Задоволни се од висината на затворските казни но побараа од родителите на двете момчиња да откријат каде се крие и третообвинетиот за смртта на нивниот син. За претрпената загуба бараат и нематеријална штета во висина од над 10 милиони денари. Најавија дека парите ќе ги донираат во хуманитарни цели.

Братот на обвинетиот Беља е незадоволен од пресудата. Смета дека е превисока затворската казна, а одлуката на судот ја нарече еднострана.

Лани на крајот од јуни тројцата го претепаа 20 годишниот Саздовски на автобуска постојка во Автокоманда. Заради сериозните повреди на мозокот и градите, 10 дена подоцна почина на клиниката Карил.