Македонија
18. October 2019 - 17:33

Пендаровски свика лидерска средба, на сите релевантни парламентарни партии и порача дека реформите мора да продолжат

Македонија нема непријатели во Европската унија, порача претседателот Пендаровски во обраќањето до нацијата. Според него, заклучоците на Европскиот совет не се во согласност со очекувањата, но и со претходните најави на Унијата.

Вели дека мора со трезвеност да се соочиме со новата реалност. Според Пендаровски, Македонија ги исполни сите услови, а станува збор за концепциски разлики меѓу земјите-членки.

- Нашата држава има многу искрени пријатели и сојузници во Европа. Во овие моменти кога некои од нас се преиспитуваат сакам јавно да кажам дека ние во Европа немаме непријатели. Постојат само држави кои имаат свои специфични национални интереси кои ги штитат и во тоа нема ништо спорно, рече Пендаровски.

Пендаровски вели дека треба да продолжи трансформацијата на општеството. Затоа, според него, треба да продолжат реформите во многу области. Појаснува дека ако граѓаните не ги видат европските стандарди на живеење, тогаш формалното членство во ЕУ не му е потребно никому.

- Независно од заклучоците на Советот на Европската унија договорите што ги постигнавме со нашите соседи Бугарија и Грција мораме да продолжиме да ги спроведуваме онака како што е договорено со фер пристап од сите страни бидејќи тие се темел на добрососедските односи, но и на регионалната соработка и стабилност. Исто така, внатрешните реформи за целосна интеграција на сите етнички заедници мораат да продолжат зашто се предуслов за внатрешната кохезија и стабилноста на државата.

Пендаровски за в недела закажа лидерска средба и ќе се обиде да ги обедини претседателите на најголемите политички партии околу стратешката ориентација на Македонија.

- Во името на нашата иднина ги повикав раководствата на најголеми политички партии за момент да ги остават настрана своите легитимни партиски интереси и сите заедно да ја реафирмираме нашата визија за иднината на земјата. За таа цел упатив покани за лидерска средба до претседателите на најголемите политички партии и од власта и од опозицијата. Убеден сум дека токму сега е време да покажеме единство околу нашата стратешка ориентација без разлика на легитимните политички разлики по многу прашања, рече Пендаровски.

Во Вила Водно поканета беше само екипа на Националниот сервис. Поради отсуството на новинарите од останатите медиуми немаше ниту новирарски прашања.