Бизнис
19. јуни 2019 - 20:14

Пендаровски на средба со Стопанската комора

На бизнисот му треба брзина, а на политиката трпеливост. Првиот човек на најголемата комора, на претседателот Пендаровски му се пожали дека во просек 3 години им се потребни на властите за реализација на едно барање на стопанството.

- Потребни се три години да ја убедиме јавноста и механизмите на државата и администрацијата за да испреговараме. Тоа е долг процес кој чини во бизнисот. Некогаш кога од наша страна во нашата комуникација покажуваме некаква нервоза, нервозата е само за процедурата затоа што сето тоа има некаква финансиска импликација, изјави претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Пендаровски вели дека веднаш ќе ангажира економски советник кој ќе помогне за секојдневната комуникација со бизнис секторот.

Но, освен бавното носење Закони, проблем е и нивната имплементација, бидејќи според стопанствениците, администрацијата е нефункционална.

- Ние сме соочени со исклучително лоша администрација, исклучително неефикасна администрација. Зборуваме за владеење на право, она од надвор што го гледаме. Меѓутоа, мора да го знаете и она што го гледаме ние внатре во земјата. Со ваква администрација која ја имаме денес и со која се соочуваме тешко ќе ги совладаме проблемите и да одиме надвор, рече Николајчо Николов, претседател на македонската Асоцијација на рудари.

Пендаровски е свесен за проблемите во администрацијата. Вели дека преку работата на неговиот кабинет ќе даде пример за како треба да функционира администрацијата.

- Не смее да се случи барање од граѓанин, и кое не е во моја надлежност да седи со месеци во нечија фиока и да нема став од Кабинетот или минимум да се препрати на ресорниот орган или министерство, рече претседателот Стево Пендаровски.

Ова е прва работна средба на Пендаровски со Стопанската комора. Во следниот период тој ќе се сретне и со останатите комори во земјава.