Македонија
20. November 2019 - 13:44

Пендаровски ги прими акредитивни писма на новите амбасадори на БиХ и Малезија

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Босна и Херцеговина и на Малезија во Република Македонија.

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, истакнувајќи дека БиХ и Македонија се две пријателски земји кои ги поврзува заедничка визија за мир, стабилност, благосостојба и економски просперитет, Пендаровски на церемонијата на предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на БиХ Драган Јаќимовиќ, нагласи дека евроатлантските перспективи на двете земји се во насока на градење на силен и стабилен регион.

Амбасадорот Јаќимовиќ изразил задоволство од досегашните одлични билатерални односи меѓу двете земји кои се карактеризираат без отворени прашања што претставува основа за натамошно зацврстување на соработката во многу области од заеднички интерес, меѓу кои, се издвојуваат економската соработка, проширувањето на правната рамка преку потпишување на нови билатерални договори, како и унапредувањето на досегашната солидна меѓусебна поддршка.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Малезија во Република Македонија, Чеонг Лун Лаи, претседателот Пендаровски ги истакнал заедничките заложби на двете земји за негување на успешни и пријателски односи, како и за интензивирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес. Во таа насока, шефот на државата го изразил интересот за унапредување и фокусирање на развојот на соработката во областа на економијата, јакнење на трговската размена и зголемување на интересот кај малезиските компании и инвеститори за поголемо и директно присуство во нашата држава.

Амбасадорот Лаи нагласи дека Малезија и Македонија се пријателски земји со позитивен и постојан напредок на економските сектори придавајќи големо значење за понатамошно збогатување на севкупните билатерални односи oсобено во областа на прехранбената индустрија, туризмот и културната размена со цел поголем економски просперитет за народите на двете земји, соопшти Кабинетот на претседателот.

Пендаровски на новоименуваните амбасадори им посакал успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.