Свет
27. July 2016 - 11:43

Пеколен план: Билет спречил масакр на 2,500 луѓе во Германија

Сиријецот Мухамед Далил се обидел да ги разнесе гостите на фестивалот во Ансбах, но сепак немал билет за да влезе на фестивалот.

27-годишниот Сириец, Мухамед Далил се разнесе со бомба и притоа рани 12 лица во бар во германскиот град Ансбах, откако не успеал да го внесе експлозивот на музички фестивал во непосредна близина.

Во неговиот телефон била откриена видео снимка на која што тој се заколнува на верност на Исламската држава, а терористичката организација веднаш се огласи и ја превзеде одговорноста за нападот во германскиот град во кој за среќа немаше жртви, освен разнесениот терорист.

Станува збор за веќе четврти терористички напад во Германија за само едан седмица, односно шести терористички напад во месец јули на територијата на Европа.

После нападот, германските власти и медиуми успеаа да откријат многу детали во врска со Сириецот и неговата лојалност на Исламската држава. Како што пренесуваат германските медиуми, Далил имал намера да влезе со ранецот со бомба на музичкиот фестивал каде што присуствувале 2,500 лица, а потоа истиот да го активира од безбедна далечина. Сепак, тој немал билет, па не му било дозволено да влезе.

Министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман изјави дека на видео снимката пронајдена на телефонот на Мухамед Далил, тој порачал дека на Германците им следува одмазда затоа што помагаат во убивањето на муслимани ширум светот.

Во меѓувреме, германските власти соопштија дека водат истрага против 59 бегалци кои се осомничени за поврзаност со терористички организации, а тоа го потврди и германскиот министер за внатрешни работи, Томас Де Мезијер.

„Разбирам дека граѓаните се загрижени. Можам да ве уверам дека безбедносните сили одлично си ја вршат работата и ќе сторат се за вакво нешто да не се повтори. Меѓутоа, апсолутна сигурност дека тоа нема да се случи, секако, не постои“, изјави Де Мезијер.