Бизнис
27. August 2018 - 19:43

Пазарџиите ќе се лиценцираат, а ќе плаќаат и пензиско и здрваствено осигурување

Лиценци за пазарџиите и задолжително пензиско и здравствено осигурување, предвидува новиот Закон за трговија на зелени пазари. Без легитимација нема да е можно да се закупи тезга од организаторите на пазарите. Колку би чинеле и за кој временски период ќе важат лиценците ќе се знае по усвојувањето на подзаконските акти во наредниот период.

“Идеата е тоа да не претставува големо оптоварување на закупците на тезги. Едноставно станува збор за воведување ред преку еден регистар со кој што првенствено ќе се знае кој точно продава, кој може да продава, кој ги исполнува условите за продажба и афирмацијата на зелените пазари да биде на соодветното ниво и да биде сериозна конкуренција на оние големи шопинг центри кои што веќе земаат дел од колачот”, вели Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.

Новиот закон предвидува закупците на тезги да плаќаат 540 денари за здравствено, а 1.500 денари за пензиско осигурување.

“Плаќањето на социјалното осигурување ќе биде задолжително, како за пензиско и инвалидско осигурување, така и за здравствено осигурување. Тие ќе се тарифираат по тарифата на индивидуалните земјоделци, како што сега плаќаат тие, а тоа е најниската тарифа”, објаснува Златко Шекеров, претседател на Комора на трговци на тезги на зелени пазари.

Од Комората велат дека предлогот е широко прифатен меѓу пазарџиите. Очекувањата се дека ќе се создаде поголем ред на пазарите и ќе се потисне нелојалната конкуренција и сивата економија. Како што информираат, во некои градови во земјава, дури половина од продажбата се реализира надвор од зелените пазари, што сериозно придонесува за намалување на бројот на закупувачи на тезги.