Бизнис
7. September 2021 - 12:39

Павлова на средба со Управниот одбор на РБСМ за засилување на напорите за поддршка на закрепнувањето на малите и средни компании

Потпретседателката на ЕИБ одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова, се сретна со Управниот одбор на Развојна банка на Македонија, Кире Наумов и Фарук Исмаили, во рамки на Првата годишна конференција на Министерството за финансии “Економско закрепнување и раст по Ковид”. Двете институции негуваат децениска соработка, чија цел е обезбедување поддршка на финансирањето на малите и средни компании во земјата.

Неодамна, ЕИБ и РБСМ потпишаа договор за заем со кој се обезбедија 100 милиони евра по поволни услови, како директна поддршка на малите и средни компании и средно-пазарнокапитализирани компании. Преку заемот се поддржуваат мали компании во Македонија од трудоинтензивните дејности како производство, туризам и услуги, за брзо опоравување од КОВИД-19 кризата. Заемот од ЕИБ ќе им помогне на компаниите да обезбедат континуитет на деловните процеси и да ги задржат работните места, а истовремено да ја зголемат својата продуктивност и да ги прошират деловните активности. Се очекува првата транша од заемот од 100 милиони евра да се пласира до компаниите следниот месец.

За време на средбата, двете страни изразија интерес за разгледување на опциите за здружување на силите во поддршката на приватниот сектор на земјата преку таргетирано финансирање и инструменти за поделба на ризикот, особено во областа на енергетска ефикасност и дигитализација.

Лилјана Павлова, потпретседателката на ЕИБ одговорна за Западен Балкан, кажа: “Горди сме да продолжиме да работиме со нашиот долгорочен партнер – РБСМ за поддршка на развојот и зајакнување на отпорноста на приватниот сектор и банкарската индустрија во Македонија во текот на КОВИД- кризата. Имајќи ги искуствата од нашата успешна соработка, ЕИБ очекува со заеднички напори да се зголеми отпорноста и конкурентноста на малите и средни компании, преку зелени и дигитални инвестиции.”

Извршниот директор на Развојна банка на Македонија, Кире Наумов, рече: “Стратешката и успешна соработка помеѓу ЕИБ и РБСМ резултираше со финансиска поддршка на приватниот сектор во Македонија од 550 милиони евра. Со последниот заем од 100 милиони евра, очекуваме да се поддржат најмалку 300 проекти на мали и средни претпријатија во Македонија. Развојна банка ќе продолжи да работи заедно со Европската инвестициска банка, за да обезбеди уште потаргетирана финансиска поддршка на малите и средни компании во земјата.”