Македонија
5. February 2023 - 16:37

Парични казни и забрана за влез, МНР ќе ја извести ЕУ за настаните од Деве Баир

Со триста евра казна и три годишна забрана за влез македонската полиција вчера доцна вечерта ги испрати за Бугарија тројцата бугарски државјани кои нападнаа полициски службеници на Деве Баир. Надлежниот суд ги  прогласи за виновни за нарушување на јавниот ред и мир откако ги навредуваа и напаѓаа полицајците кои не можеа да им овозможат влез во Македонија за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев во Скопје поради проблеми со компјутерскиот систем на граничниот премин. Меѓу тројцата протерани Бугари има и пратеник во бугарскиот парламент.
Бугарското министерство за надворешни работи однесувањето на македонските власти кон бугарските граѓани го нарече недопустливо и понижувачко.

Министерството за надворешни работи го дефинира денешното однесување на владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија. Овој пристап на никаков начин не придонесува за конструктивен и добронамерен дијалог“, посочуваат во соопштението од бугарското МНР додавајќи дека за вчерашните настани ќе ги информирале и меѓународната заедница.

Радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Република Северна Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и  нашата држава, врати македонското министерство за надворешни работи.

„И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи  пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија.“ – објаснува македонското МНР, потенцирајќи дека со Бугарија воопшто не било договорено заедничко одбележување на роденденот на Делчев.

Пофалби за однесувањето на македонската полиција утрово на социјалните мрежи упати и Министерот Спасовски.

„Како пред гробот на великанот Делчев кај црквата „Свети Спас”, така и на граничните премини, македонската полиција на висина на задачата успешно го спроведе овој настан од највисок безбедносен степен - еклатантен пример за тоа како постапува полиција од европски ранг.

Благодарност и до граѓаните, медиумите и медиумските работници кои имаа разбирање и на најпрофесионален начин дадоа свој придонес за навистина достоинствено чествување на великанот Гоце Делчев, порача Спасовски

Наспроти добрата организираност на полицијата, Владата потфрли во организацијата на медиумското покривање на настанот оставајќи многу новинари без акредитации и можност да известуваат за настанот за што реагираа и новинарските здруженија, но до овој момент од Владата нема никаква реакција.