Македонија
5. December 2022 - 16:40

Пари за матичните ќе има само ако останат во буџетот за ФЗОМ

Дали предложените 75 денари капитација за матичните лекари ќе останат само новогодишна желба?  Поминаа 60-те денови кои Владата ги даде како рок  на Фондот за здравствено осигурување да направи финансиски анализи за зголемување на бодот. Ако многумина мислеа  дека тоа ќе стартува од јануари следната година, сега ќе чекаат да останат пари во државниот буџет кој се уште е во собраниска процедура. 

Во Буџетот за наредната година ФЗОРСМ поднесе циркуларно барање до Министерството за финансии со Предлог буџет кој ги содржи барањата за зголемување на капитациониот бод на матичните лекари и стоматолозите, кој помина на Владина седница. Кога ќе биде изгласан Буџетот, Фондот ќе знае точно со кои финасиски средства располага и тогаш Управниот одбор ќе може да одлучува за зголемување на капитацијата, одговорија од Фондот.

Матичните првите три дена од септември протестираа на работните места за решавање на нивните долгогодишни проблеми, меѓу кои и добивање на повеќе пари на сметка. Во истиот период на владина седница министрите ја прифатија информацијата за имаат поголем капитационен бод и побараа анализи од Фондот.

Имајќи ги во предвид огромните долгови на јавните здравствени установи и немањето терапија за пациенти, засега е неизвесно дали во фондовската каса ќе има и пари за матичните.