Македонија
15. November 2016 - 17:36

Отворен Самитот за климатски промени во Мароко на кој учествува Иванов

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на свеченото отворање на сегментот на високо ниво на Самитот за климатски промени – COP22, на кој учествуваат 56 шефови на држави и влади од целиот свет.

На отворањето на Самитот се обрати Кралот на Мароко,  Мухамед VI, генералниот секретар на ООН Бан Ки-мун, како и францускиот претседател Франсоа Оланд.

Кралот на Мароко истакна дека логиката на наметнати решенија со Парискиот договор е завршена и дека започнува ерата на доброволните обврски.

Генералниот секретар Бан Ки-мун порача дека Парискиот договор отвори нова зора за климатска соработка.

- Им благодарам на лидерите за нивната визија. ОН ќе им помогнат на земјите во развој да го имплементираат Парискиот договор, рече Бан Ки-мун. 

Парискиот договор, додаде генералниот секретар на ОН, покажа дека мултилатералните решенија функционираат и истакна  дека шефовите на држави и влади со нивното политичко и морално лидерство се клучни за овој процес.

Францускиот претседател Оланд посочи дека во исклучителен, дури и застрашувачки контекст, огромен број шефови на држави и влади се собраа во Париз и го усвоија историскиот договор за климатски промени.

- Парискиот договор е усвоен и неотповиклив. Во Маракеш сум не за да ве потсетам на Париз, туку да ве охрабрам да продолжиме понатаму, истакна Оланд. 

‎Македонскиот претседател попладне ќе се обрати на сегментот на високо ниво на Самитот за климатски промени – COP22.

Република Македонија во април 2016 година во Њујорк го потпиша Парискиот договор за климатски промени, што беше усвоен во 2015 година на Самитот за климатски промени COP21 во Париз, каде учествуваше и претседателот Иванов. На самитот во Париз, Република Македонија даде придонес во меѓународните напори за постигнување климатски договор.

Со потпишување на Парискиот договор, Република Македонија ја реафирмира својата посветеност во приклучување кон светските напори за ублажување на последиците од климатските промени, преку преземање на конкретни чекори, мерки и активности и исполнување на одредбите на Парискиот договор за климатски промени.