Бизнис
14. January 2019 - 20:29

Осум нови авиолинии годинава за македонските граѓани

Осум нови дестинации годинава од македонските аеродроми, најави нискобуџетската Виз Ер. Половина од рутите ќе стартуваат во март, а до останатите ќе се лета почнувајќи од јули. Унгарската компанија ќе ги зачести и дел од веќе постоечките редовни авиолинии.

“Во март ќе почнеме да летаме кон Малме и Милано од Охридскиот аеродром, а до Карлсруе и Бремен од Скопскиот аеродром. Во јули, пак, од Меѓународниот аеродром Скопје ќе се воведат летови до две нови држави, Кипар (Ларника) и Финска (Турку), а од аеродромот Св. Апостол Павле-Охрид ќе се лета до две германски дестинации, Меминген и Дортмунд”, изјави Џорџ Михалопулос, директор за комерцијални работи на Виз Ер.

Новите дестинации се обврска од тендерот на кој што Виз Ер беше единствена авиокомпанија што аплицираше за државна помош во вкупен износ од 5 милиони евра за период од 3 години. Надлежните сметаат дека мерката за финансиска поддршка придонесува за развој на авиосообраќајот од двата македонски аеродроми.

“Потпишувањето на овој договор претставува почеток на нова соработка и можност заеднички да го унапредиме сообраќајот во земјава. Ова го правиме за сите граѓани, вклучително тука го поттикнуваме и развојот на туризмот”, вели Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Вклучувајќи ги и новите дестинации, Виз Ер од двата македонски аеродроми нуди летови до вкупно 38 градови во 16 европски држави.