Македонија
23. December 2022 - 17:57

Осуденик нападнал затворски полицаец во КПД Идризово

Осуденото лице М.М. кое престојува во Отвореното одделение во Казнено – поправниот дом Идризово утринава, околу 8:40 часот, без особена причина со ладно оружје го нападнал припадникот на затворската полиција Х.Х., кој ги извршувал работните задачи во одделението.

Како што информира Управата за извршување на санкциите, М.М. му нанел на Х.Х. повреди по телото во вид на посекотини и набиеници.

Повредениот откако побарал помош од дежурниот командир на одделение, кон одделението се упатиле пет припадници на затворската полиција заедно со командирот, кои откако дошле на местото на настанот, осудениот исто така им упатил закани дека ќе ги нападне ако му се доближат.

М.М. , како што се наведува во соопштението, иако се уште бил вознемирен и подготвен одново да нападне, со употреба на зафат бил веднаш совладан од затворската полиција и издвоен во посебна просторија за да не биде нападнато друго лице.

За повредениот затворски полицаец била повикана Итна медицинска помош од која првично бил згрижен и итно префрлен во Клиничкиот центар – Скопје, од каде по санирање на повредите е пуштен на домашно лекување.

Осуденото лице било спроведено во Клиниката за психијатрија при Клиничкиот центар – Скопје, од каде по смирување на состојбата е вратен во установата.