Loading Video...
Балкан
20. July 2019 - 19:58

Оставката на Харадинај поздравена од САД

Политички трик или борба за слобода и демократија? Оставката на косовскиот премиер Харадинај предизвика дијаметрално спротивни реакции од различни политички субјекти.

Според српскиот претседател Вучиќ, оставката е само еден политички трик за да се добие популарност. Вели дека Харадинај ќе биде пуштен по само 48 часа и ќе се врати како голем албански херој.

Според Вучиќ, ова е уште една причина за да се укинат царините за српските производи, бидејќи на тој начин западните сили ќе вршат притисок кон Белград, со изговор дека косовските лидери се испраќаат во Хаг.

И лидерот на ДУИ, Ахмети преку социјалните мрежи се огласи за оставката на Харадинај. Според него, тоа е борба на албанскиот народ за слобода, демократија и независност.

-Како еднаш не ти се одделија потешкотиите, човеку? Се запознавме во потешкотии и успеавме. Во какви било потешкотии излезе победник и сигурен сум дека ќе излезеш како победник и од оваа наредна нефер потешкотија. Убеден сум дека ти најдобро и овој пат ќе ја докажеш праведната борба на овој народ за слобода, демократија и независност, напиша Ахмети на Фејсбук.

Стејт Департментот, пак, ја поздрави одлуката на Харадинај да соработува со Специјалното обвинителство за злосторствата на ОВК.

-САД му честитаат што тој одлучи да одговори на поканата на Специјалниот суд за Косово, се вели во краткото соопштение од Стејт Департментот.

Албанскиот претседател Илир Мета, пак, е убеден дека Харадинај е невин.

-Горд сум на Рамуш Харадинај и убеден во неговата невиност. Не постои притисок кој може да го скрши државникот и народен херој. Од денеска сите треба да спиеме помалку, да се загрижиме повеќе и посилно да го обединиме Косово и нашиот регион да не бидат под закана на мирот, безбедноста и европската иднина, напиша Мета ја ФБ.

Харадинај вчера си поднесе неотповиклива оставка од премиерската функција. Тој заедно со неколку сегашни и поранешни политичари добил покана да се појави пред Судот во Хаг. Вели дека пред судот сакал да се појави како граѓанин на Косово, а не како премиер.