Македонија
1. November 2018 - 9:01

Османи во посета на Атина, во Скопје ќе се врати со првиот лет од атинскиот до скопскиот аеродром

 

Со средба со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Јоргос Катругалос, ќе ја започне работната посета на Атина, заменик Претседателот на Владата, Бујар Османи, по што во Скопје ќе се врати со првиот лет од грчката до македонската престолнина, воспоставен по пауза од над 10 години.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Катругалос и Османи ќе се сретнат во 16 часот по локално време, во грчкото МНР по што, заедно ќе се упатат кон атинскиот аеродром „Елефтериос Венизелос“.

– На средбата ќе стане збор за билатералните односи меѓу двете земји, Договорот од Преспа и обврските кои истиот ги создава за двете земји, но и за сите останати прашања од билатерален интерес, како што се мерките за градење доверба,  унапредување на односите меѓу двете земји, поддршката од страна на Грција за нашите европски интеграции итн, соопштуваат од кабинетот на Османи.

Разговорот ќе се фокусира на темите од билатерален, регионален и европски интерес, соопштуваат од грчкото МНР.

Во однос на средбата во Атина, вицепремиерот Османи, вчера рече дека со Катругаос ќе разговараат за сериозната поддршка на Грција, но и за општиот политички контекст и во двете земји.

– Турбулентни се работите и овде и во Грција, но сметам дека потврдувањето на Преспанскиот договор овде во Македонија веќе има нормален тек, дури и поширока поддршка, но и во Грција воопшто не е загрозен тој процес и покрај различните дневно- политички турбуленции.  Се надевам дека утре уште еднаш ќе си размениме добри вести дека овој пат е неповратен и дека Република Македонија и Република Грција остануваат стратешки партнери, рече Османи на вчерашната прес-конференција во Владата.

По разговорите и изјавите за медиумите, алтернативниот шеф на грчката дипломатија Јоргос Катругалос ќе го испрати симболично вицепремиерот Бујар Османи на атинскиот аеродром, на првиот лет по пауза од над 10 години од Атина за Скопје, во кој ќе биде и дописничката на МИА од Атина.

Летот е во 18.40 часот по локално време, а во Скопје пристигнува по 1 час и 15 минути, односно во 18.55 часот по македонско време.

Делегацијата која ја предводи Вицепремиерот Османи по слетувањето во Скопје, заедно со Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, ќе биде дел од манифестацијата која по повод првиот лет ја организира ТАВ.

– Јас ќе бидам првиот што ќе биде на овој лет, што е уште една симболика дека односите се затоплуваат, дека стратешкото партнерство почнува да функционира и дека комуникацијата на граѓаните од сите аспекти на политички, на туристички план итн. ќе се зголемува во наредниот период, рече вчера Османи.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, како што во саботата објави МИА, во интервјуто за грчкиот весник “Реал њуз” го спомена и почетокот на авионската линија за директно поврзување на Атина и Скопје, како можност за продлабочување на контактите меѓу двата народи и зголемување на соработката во повеќе области.

-Тоа е особено позитивен развој на настаните, што значително ќе придонесе во зголемување на контакти меѓу нашите народи, но и во промовирањето на нашата соработка во областа на туризмот, трговијата и бизнисот. Индикативно е колку се доближија нашите народи во последниве години, градејќи доверба и меѓусебно разбирање, рече Катругалос во интервјуто за грчкиот весник.

Како што веќе објави МИА минатиот месец, грчката авио компанија „Aegean airlines”, од денес започнува со редовни летови, два пати седмично од Атина за Скопје и обратно.