Македонија
21. јуни 2016 - 9:35

Оскаровецот Лудовик Бурс ќе ја компонира музиката за „Јон Вардар против Галаксијата“

Францускиот композитор Лудовик Бурс, најпознат по неговата оригинална музика за филмот „Уметникот“, за која беше награден со Оскар, а доби и Златен Глобус, Бафта, Цезар, Европска филмска награда и други, ќе ја работи и музиката за првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“.

Оваа соработка почна минатата недела кога продуцентите од „Линкс Студио“ потпишаа договор со француската компанија „Вил Продуксион“ од Стразбург, за време на најголемиот европски фестивал и пазар за анимирани филмови Анеси, во јужна Франција. Освен со Франција, филмот ќе биде копродукција и со Германија и Украина.

- Филмот досега го претставивме на десетина меѓународни пазари за копродукција. На голем број од нив, бевме прва македонска компанија која била селектирана за учество. Често бевме во конкуренција со наградувани студија кои постојат преку 20 години. Судејќи по големиот интерес, кој нашиот проект го предизвика, со сигурност може да потврдиме дека имаме светски производ, изјави продуцентот Алан Кастиљо.

Сценарист и режисер на филмот е Гоце Цветановски.

- Конечно можам да кажам дека се оствари мојот сон да работам како директор во студио за анимација со светски квалитет, изјави Цветановски.

Oд „Линкс Студио“ информираат дека квалитетот што го нудат е на светско ниво.

- Освен Јон Вардар, од септември ќе работиме и за три многу големи клиенти, од Канада до Австралија, па најверојатно ќе треба да вработуваме и нови артисти. Голема заслуга за нашиот успех има креативниот удел на Михајло Димитриевски - Тхе Мичо, како и обуката која нашите аниматори ја добиваат интерно, по програма изработена од Бенјамин Хотон, директор на анимација на студиото, соопшти „Линкс Студио“. 

„Јон Вардар против Галаксијата“ треба да почне со продукција кон крајот на оваа година, и ќе биде првиот македонски долгометражен анимиран филм.