Македонија
21. May 2024 - 16:36

Организациската директорка на Токсикологија тврди дека клиниката има потреба од 18-те спорни вработувања

 

Организациската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази во изјава за албански медиуми тврди дека клиниката има потреба од 18-те вработувања што предизвикаа превривања во јавноста. Таа прашува доколку нема потреба од нови вработувања, зошто тогаш и директорот кога бил на одмор, дежурал.

- Има лица кои работат девет години, пет години, четири години, многу се ретки тие кои работат со месеци. Во врска со тоа дали има потреба, бидејќи неколкупати сме слушнале такви изјави дека немаме потреба, а кога нема потреба, зошто тогаш и директорот кога е на одмор, дежура? Бидејќи нема персонал, на пример на шалтер се случило сме немале никого бидејќи биле со договор и требало некој од администрација да оди да работи на шалтер, појаснува Иљази.

Таа увидела дека имаат потреба и затоа инсистирала да се направат договорите. Според неа, лицата работеле постојано и повеќе отколку што требало, дежурале, нешто што не било дозволено без договор.

Иљази вели дека се обидува максимално да го реши овој проблем.

- Испратив барање до Министерството за здравство на 28 февруари, кое беше прифатено. Исто така и до Министерството за финансии. Добивме дозвола од Министерството за здравство дека слободно може да се направат договорите, вели Иљази.

Таа вели и оти сите зборуваат за продолжување на договорите, а никој не прашува зошто ги држеле на работа без договори и без плати цели четири месеци.

- Како е можно Данил Петровски, разрешениот директор, да ја вработи неговата снаа на 13 февруари 2024, еден ден пред моето доаѓање, а нема можност да го вработи биологот - жена, која постојано ја спомнува, како и осумнаесетте лица кои со години се вработени тука? Тој ги прекршил сите законски норми, држејќи ги на работа без договори и плати и принудувајќи ги да дежураат и вака се работело до моето доаѓање. И сега кога ние го средивме прашањето за нивното вработување, стана голем проблем, смета Иљази.

Според неа, „се измислуваат смешни скандали“, „овој медиумски хаос го предизвикуваат оние кои се навикнати да работат на неправеден начин и екстремен национализам“.

На прашање дали доктор Нико Беќаровски си поднел оставка, Иљази одговори негативно. Според неа, поминало неговото време, „доктор од времето на другарот Тито“ и тој, како што додава, шири лаги и дезинформации. Редот и правилата што таа ги поставила, како што нагласува, нему и на други вработени му сметаат, бидејќи, како што вели „биле навикнати да работат според нивни правила“. 

Иљази вели дека таа не може да биде обвинета за ништо, затоа што работи транспарентно и професионално, почитувајќи ги законите. 

Организациската директорка Иљази, денеска повторно, се најде во центарот на вниманието поради забрана на вработените да даваат изјави за медиуми без нејзина согласност.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осуди, како што рече, обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Иљази.

Од Здружението нагласуваат дека ваквата наредба претставува кршење на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Најавија и формално обраќање до ресорното Министерство и барање одговорност од директорката на Клиниката за токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба, за што се побара и итно повлекување.