Македонија
22. February 2019 - 15:44

Општините од Источниот регион нема да ја продолжат соработката со словенечките партнери за подземниот катастар

Општините од Источниот плански регион нема да ја продолжат соработката со словенечката фирма „Калиопа“ со која пред четири години беше започнат проект за изработка географско-информациски систем (ГИС), односно за подземен катастар во населените места.

Причина за тоа се превисоките трошоци за одржување и ажурирање на податоците во електронскиот систем, а што секоја локална самоуправа одделно треба да ги плаќа на годишно ниво.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој е и претседател на Советот на градоначалници од регионот, ги контактирал своите колеги и тие го известиле дека во општинските буџети немаат предвидено средства за таква намена.

– Наша заедничка оценка е дека надоместокот што го бараат Словенците е превисок и е дополнителна финансиска обврска, особен за помалите, рурални локални самоуправи. Најверојатно поголемите општини, кои имаат реална потреба од подземен катастар, поединечно сами ќе ја продолжат процедурата за тоа. Имаме сознанија дека со соодветни фирми од Македонија, од кои дел биле ангажирани како подизведувачи за словенечката компанија, за истата сума ќе можеме да ги релизираме сите седум фази од проектот за ГИС системот, истакна градоначалникот Илијев.

За изработка на ГИС системот пред четири години беа потрошени 200 илјади евра, од кои 60 отсто донираше Владата на Република Словенија, а остатокот го покрија општините од Источниот плански регион.

Во истиот период словенечката фирма испратила фактури до општините за да ги платат трошоците за внесување на катастарските податоци во електронскиот систем, но поранешните градоначалници не ја подмириле обврската, поради што реализацијата на проектот била запрена.