Македонија
14. August 2022 - 16:33

Општина Штип ќе ангажира триесет невработени лица за инфраструктурни и проекти за заштита на животната средина

Триесет невработени лица со ниски квалификации работно ќе бидат ангажирани од страна на општина Штип и ќе работат на проекти од инфраструктурен карактер и заштита на животната средина на локално ниво. Интерес може да пријават и граѓани од социјално ранливите категории, бидејќи нема да им биде скратено правото за користење социјална помош. Работниот ангажман е во траење од 22 работни денови.

-Дневниот надоместок за лицата ќе изнесува 600 денари, од кои општината е обврзана да учествува со кофинансирање од 20%, а останатите средства ќе бидат исплатени од страна на Агенцијата за вработување- изјави Вања Џамбазова Николовска, одделение за јавни работи-ЛС-Штип.

Во дневниот надоместок е вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето од повреда на работа и професионална болест. Средствата кон општината ќе бидат трансферирани по истекот на работниот ангажман.

-Вкупниот буџет за ангажирање на 30 лица за мерката јавни работи изнесува 396. 000 денари, од кои општината треба да учествува со 79. 200, а Центарот за вработување-Штип, односно Агенцијата за вработување со 316. 800 денари-додаде Џамбазова Николовска

Мерката „јавни работи“ не се спроведува за прв пат во општините, но разликата е што финансискиот дневен надоместок годинава е зголемен за 200 денари.