Македонија
20. July 2019 - 16:46

Опозицијата прифаќа делови од Законот но се противи на решението Русковска да го води новото СЈО

Обезбедувањето на двотретинско мнозинство за новиот предлог Закон за јавното обвинителство нема да биде лесна задача за премиерот Заев.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлогот Вилма Рускоска да го води новото специјално обвинителство е како што велат, далеку од прифатлив

Од опозицијата велат дека укинувањето на СЈО и неговото спојување со постојното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кореспондира со нивните барања во преговорите и дека овој дел од предлогот за нив е прифатлив. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со конечен став партијата ќе излезе по целосната анализа на предлог законот, а во меѓувреме, партијата ќе работи на своето законоско решение.

Името на обвинителката Вилма Рускоска е спорно и за пратениците од независната пратнеичка група на ВМРО-ДПМНЕ. Неофицијално, од таму велат дека проблематична ќе биде поддршката за Рускоска пред се поради фактот што таа го водеше предметот за настаните од 27 април во кој дел од пратениците од оваа пратеничка група беа обвинети за тероризам и на нејзино барање завршија во притвор. Замеруваат и за висината на казните кои ова обвинителство ги барало во овој предмет. Во рамки на собраниската дебата, независните не ја исклучуваат можноста и за амандманска интервенција за да се прецизира што ќе се случи со предметите кои СЈО ги отвори по истекот на неговиот мандат.

За СДСМ новиот предлог закон бил доказ дека на за нив, криминалот не познава партии и дека бескомпромисно се залагаат за борба против корупцијата.
„ Специјалното Јавно Обвинителство се интегрира со досегашното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и добива нов назив. 

Сите случаи кои се пред судовите, за кои СЈО е надлежно согласно закон, ќе ги продолжи и ќе ги застапува пред надлежните судови новото ЈО. Тоа е во интерес на граѓаните и државата. Нема одбрана на криминалот на Никола Груевски и режимот. Секој што го прекршил законот, без разлика на партиска или било каква друга припадност, ќе се соочи со правдата“ – стои во писменото соопштение на СДСМ.

Премиерот Заев вчера на прес конференција предложи нов Закон за јавното обвинителство со кој практично се укинува СЈО, а сите обвинители и истражители кои работеа со Катица Јанева преоѓаат во Обвинителството за организиран криминал и висока корупција кое ќе го води актуелниот шеф Вилма Рускоска. Покрај ова, прмеиерот Заев најави и уништување на бомбите, а за предметите кои СЈО ги отвори по истекот на мандатот, одлука ќе носат судовите.

И додека се готви новиот закон, бизнисмени почнаа и јавно да зборуваат за рекетот кој врз нив го вршеле сега приведените лица.

„После сите искажани шпекулации во јавноста имам потреба јавно да кажам дека и јас сум една од жртвите на тој „рекет“ од страна на едниот од двајцата обвинети, деновиве ќе најдам начин да воспоставам комуникација со

Обвинителството во интерес на вистината“ – пишува на социјалните мрежи Владимир Стаиќ, сопственик на ланец бензински пумпи.