Македонија
11. December 2019 - 17:46

Опозицијата бара одговорност за уништениот инсулин, министерството тврди дека нема гаранција за квалитет

Зошто ако министерството за здравство оценило дека има сомнителен инсулин, нема постапка врз тој кој довел до таа состојба, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ откако вчера и Обвинителството најави проверка на потеклото и процедурата на уништената инсулинска терапија. Од опозициската партија велат дека за овој скандал треба да има кривична одговорност за Филипче и Владата бидејќи бил уништен валиден инсулин кој имал уште 7 месеци рок на траење.

- Дали министерот знае дека нема инсулин со рок на употреба подолг од 20 месеци и ако е така тогаш инсулинот е дфонесен во време на оваа власт. Министерот Венко Филипче да одговори која институција проценила дека се работи за сомнителен инсулин и поради кои објективни причини оценила така, вели Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

И додека ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта прави малверзации со валиден инсулин, од министерството за здравство тврдат дека е уништена терапија за еден месец која била од паралелен узов без сертификат од производителот и гаранција за квалитетот. Велат дека дел од инсулинот стигнал за време на оваа Влада но набавката ја направиле нивните претходници.

- Тој инсулин е без сертификат за квалитет од производителот а ние имаме и известување од Новонордиск каде компанијата резервирано стори на страна и не гарантира за квалитетот заради тоа што не се пратат редовните постапки за спроведување на целосниот ладен ланец при транспорт на инсулинот овде во земјата, вели Венко Филипче, министер за здравство

Во неколкудневните препукувања меѓу власта и опозицијата, ВМРО ДПМНЕ покажа и документ од МАЛМЕД кои во 2017 година при контрола не утврдиле недостатоци кај инсулинот.

Реагираа и здруженијата на дијабетичари кои се задоволни што повеќе нема инсулин од паралелен увоз, но порачаа да нема политички превирања на грбот на пациентите.

Со измените на законот за лекови и медицински средства минатата година, увезениот инсулин мора да има сертификат од производителот.