Свет
18. April 2019 - 19:23

Опасност од уривање на Нотр Дам

Три дена по пожарот што ја опустоши париската катедрала Нотр Дам, експертите изразија стравување од уривање на три главни елементи на нејзината структура, јави дописникот на МИА.

Францускиот министер за култура Франк Ристер денеска изјави дека овие три „точки се многу кревки“, нагласувајќи дека во тек се активности за нивно „отстранување, зајакнување и консолидација“.

Во вторникот, откако пожарникарите успеаја да го изгаснат пожарот, командант на париската противпожарна бригада, генерал Жан-Клод Гале изјави дека „можеме да сметаме оти структурата на Нотр Дам е спасена и зачувана во целост“. Но, изминативе денови пожарникарите и експертите открија неколку критични точки во структурата на Богородичната црква.

– Остануваат три главни кревки точки во катедралата Нотр Дам, на која се работи тековно, нагласи Ристер.

Првата од нив се наоѓа во северниот трансепт на катедралата. Триаголниот зглоб од околу петнаесет метри што се издига над фасадата, веќе не е поддржан од рамките на покривот.

– Минатата ноќ беа изведени значајни зафати на горниот дел. Еден вид на потпора со дрвена структура. Постоеше опасност да паѓање, изјави Ристер.

Ако се урне овој елемент од неколку тони, може да понесе со себе голем дел од северната фасада на катедралата и нејзините розети, но исто така и зградите во соседната улица „Клоатр Нотр Дам“, каде се наоѓа седиштето на Париската епархија. Поради ова евакуирани се жителите на заградите на таа улица, на кои се уште не им е дозволено да се вратат дома.

Втора чувствителна точка е западниот фронтон, што се наоѓа меѓу двете камбанарии, зад галеријата на колоната над големите розети. Овој елемент го означува западниот крај на покривот на бродот на црквата. Рамката на која се потпираше повеќе ја нема.

– Тој е многу кревок, особено затоа што статуата на ангелот, што беше над него, е толку изгорена што се стопи врз целата структура, објасни Ристер. – Денешниот зафат има за цел, преку скеле што ќе се инсталира, да биде задржан и извлечен ангелот, додаде министерот.

Трета проблематична точка е  аголот на јужната камбанарија, чии камења се ронат и постои ризик да се распаднат.

– Ако се распаднат тие би можеле да ја загрозат големата органа, што засега е зачувана, изјави Ристер.

На Нотр Дам постојат уште три „многу проблематични места“ – нестабилниот брод, што се должи на уривањето на централната шилестата кула, местото на вкрстување на трансептите, како и северниот трансепт.

– Сводот се урна на овие три места, но постои реален ризик тој да се урне и на други места, затоа ќе биде поставено скеле, за да се отстранат остатоците кои се на сводот и многу брзо ќе биде покриен. Ако почна да паѓа дожд, ќе има акумулација на вода и таа ќе тежи на сводот, предупреди францускиот министер за култура.