Македонија
6. January 2017 - 9:41

ОМД ја осудува изјавата на српскиот министер за надворешни работи

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) строго ја осудува изјавата на министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ, дадена на почетокот на оваа недела, во која тој изразува жалење што Србија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно и единствено име.

- Сметаме дека ваквите испади чија цел е собирање евтини политички поени воопшто не му доликуваат на министер на држава со евроинтеграциски аспирации. Дачиќ треба да биде свесен дека со својата невнимателна реторика ги поткопува искрените напори на неговите претходници за пријателски односи помеѓу Македонија и Србија. Најзагрижувачкиот елемент од неговата изјава е искривувањето на модерната историја, претставувајќи ја Македонија и останатите поранешни југословенски републики како подредени на Србија, наведуваат од ОМД.

ОМД, од Дачиќ бара итно и недвосмислено извинување, како и ветување дека ќе го користи уставното и единствено име на Република Македонија, како во билатералната комуникација, така и во меѓународни рамки.

Потсетуваат дека ОМД најостро ги осудувала и ќе продолжи да ги осудува и да се противи на секое надворешно мешање во внатрешните работи на суверена и независна Република Македонија, особено, како што стои во соопштението, во овој чувствителен период за нашата татковина.

ОМД цврсто се залага за добри односи на Македонија со соседните држави, но тоа не значи дека реторика како оваа на Дачиќ, како и отвореното мешање на албанскиот премиер Еди Рама во формирањето на новата македонска влада, треба да бидат толерирани.