Македонија
2. December 2019 - 11:16

ОЈО бара истрага за разбојништво во спортска обложувалница во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело „разбојништво“.

Како што информира Јавното обвинителство, на 20 септември годинава, осомничениот влегол во спортска обложувалница на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје и со нож во раката се заканил на вработениот, барајќи од него да му ги даде парите. Оштетениот, исплашен за својот живот, се упатил кон касата и ја отворил, па на осомничениот му предал  15.000 денари. Откако ги одзел парите, осомничениот избегал.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд достави и Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, ценејќи дека се исполнети условите наведени во законот.

-Осомничениот 27-годишник е повеќекратен повратник на истородно кривично дело, а казната по претходната осуда ја издржал во август. Освен ова, тој непосредно по настанот бил во бегство и по него била распишана централна потерница, што укажува на опасноста тој повторно да се даде во бегство. Јавниот обвинител ценеше дека постојат и особени околности кои укажуваат дека осомничениот би можел да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и дека би можел да го повтори делото, соопшти ОЈО Скопје