Македонија
12. March 2017 - 14:01

Охриѓани со велосипеди во поддршка на иницијативата „За заедничка Македонија“

Поддржувачи на иницијативата „За подобра Македонија“ денеска со рекреативно возење велосипед низ улиците на Охрид го изразија несогласувањето кон процесите во земјата што ги сметаат за противуставни и го нарушуваат унитарниот карактер на државата.

Михаил Мишев во име на учесниците на рекреативниот круг на велосипеди рече дека активноста има за цел да се изрази револт кон се она што се случува во земјата, како и за поддршка на заедничката татковина.

Бобан Вељаноски забележа дека уставните промени од 2001 година даваат доволно права за припадниците на етничките заедници, вклучувајќи употреба на нивниот јазик во средините каде ги има над 20 проценти.

- Против сум какви било платформи или уцени. За разлика од „шарените“ ние мирно протестираме, изразуваме поддршка на унитарна Република Македонија, без какви било поделби или уцени, истакна Вељаноски.

Поддржувачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ веќе две седмици организираат протестни маршеви или друг вид активности низ градовите во земјата, на кои изразуваат спротивставување кон платформата на политичките партии на Албанците со која, според нив, се предвидува воведување двојазичност на територијата на целата држава и други законски измени што го загрозуваат унитарниот карактер на државата.