Македонија
13. December 2024 - 16:56

Одземени спорните записници од Судски, Мицкоски најавува десетици други акции

Судскиот совет ги предал спорните записници од седници поврзани со мандатот на Весна Дамева на полицијата кој вчера влезе во нивните простории. Постапиле по сите барања на Обвинителството и велат ќе соработуваат со надлежните институции, за да се расчистат сомнежите за евентуално сторено кривично дело.

По примени писмени барања на ОЈО Скопје, Судскиот совет на РСМ постапи по истите. Нагласуваме дека не е издадена наредба за претрес, ниту е извршен претрес во просториите на Судскиот совет на РСМ. Советот соработува и ќе продолжи да соработува со сите надлежни органи и институции во државата водејќи се од начелата на независно, одговорно и транспарентно судство и се оградува од било какви влијанија и притисоци одвнатре и однадвор, а со цел заштита  на независноста и интегритетот на судството, стои во соопштението од Судски. 
Дамева во краток разговор за Сител вели дека нема да ги коментира случувањата.
Полицијата потврди дека во тек е предистрагата, а одземените записници  поврзани со мандатот на Дамева, треба да се проверат. 

- Одземено е тоа што треба да се земе, предистрага е во моментов, нема што да се каже, кога ќе заврши сѐ ќе информираме, до кога ќе трае и тоа не се знае, велат од МВР.
Премиерот кој прв сподели дека до него стигнуваат информации за фалсификување на записници во судски, по акцијата на полицијата вели дека постојат основани сомненија за сторени злоупотреби од поединци. Најавува брза разрешница и десетици други слични акции на полицијата и обвинителството.

Поранешната претседателка на Судски која поднесе оставка на почетокот од месецов обвини за притисоци кон неа и Судскиот совет и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери.