Македонија
23. March 2018 - 16:38

Одложен стартот на судењето за случајот „Тортура“

Се одложи почетокот на судењето за предметот „Тортура“. Судот не добил известување дека обвинетиот Сашо Мијалков ја добил поканата, па не започна денешното рочиште. Обвинителите на СЈО побараа поканата за Мијалков, судот да ја врачи во четврток кога тој се пријавувал во Кривичен. Неговиот адвокат објасни дека екс директорот на УБК живее на друга локација во Скопје и следната недела ќе ја достави адресата на која може да го побара судот.

Мијалков денеска за прв пат требаше да седне на обвинителна клупа за случајот Тортура откако Апелација дозволи покренување обвинение и против него. Освен поранешниот шеф на УБК, обвинети во овој предмет се уште петмина алфи и екс раководителот на специјалната единица, Ивица Антевски – Пуки. Пред судот одговараат за апсењето на Љубе Бошковски веднаш по изборите во 2011-та година. Тој денеска до судот достави ЦД за кое неговиот адвокат објасни дека се дополнителни докази за случајот. Бошковски пред медиумите не сакаше да го коментира одложувањето на денешното рочиште.

„Тортура“ се однесува на начинот на апсење на лидерот на „Обединети за Македонија“, случај во кој според обвинението постоело мачење, понижувачко постапување и казнување. Тогаш Бошковски беше обвинет за нелегално финансирање на изборната кампања а при апсењето кај него полицијата пронајде и 100 илјади евра..