Македонија
17. August 2018 - 19:27

Одбележани 116 години од раѓањето на првиот претседател на Македонија

Со положување на свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов Ченто во центарот на Прилеп денеска беа одбележани 116 години од раѓањето на првиот претседател на Македонија. Почит оддаде делегација на Општина Прилеп, организацијата на борци на Прилеп, политички партии и граѓански здруженија.

Историчарот Рубин Белчески повеќе години работи на проектот „Ченто биографија низ фотографија“, изложба која посети повеќе градови во Македонија. Сега Белчески најавува нов проект поврзан со Ченто.

„А тоа е „Фото монографија“ за Ченто која што ќе ги содржи сите фотографии за него, како и хронологија на настани поврзани со ликот и делото на оваа значајна личност од историјата на македонскиот народ, личност која што целиот свој живот го поминал во борба за самостојна и суверена Република Македонија“, изјави Рубин Белчески, историчар.

Белчески предлага и да се сними и филм според книгата „Ченто мојот татко“, која ја пишувал неговиот, син, а му ја диктирал Ченто кога излегол од затвор.

„Преку неговото животно дело можеме да го следиме периодот на развојот ии страдањата на македонскиот народ во периодот од 1902 година до смртта на Ченто во 1957 година“, додаде Белчески.

Во 1990 година, на барање на синот на Ченто е обновен судскиот процес против него и е укината пресудата од 1946 година со која тој неправедно е осуден и обвинет.