Македонија
27. April 2020 - 11:50

Од утре почнува лекување на заболените од Ковид-19 со крвна плазма и со примена на озонотерапија

Лекувањето со крвна плазма на заболени со Ковид-19 кај нас ќе започне од утре. Во болницата „8 Септември“ ќе започне лекување на овие болни со озонотерапија, изјави денеска министерот за здравство Венко филипче.

-Дури и со овие два начини на лекување и со крвната плазма која што почнува практично од утре, за првпат ќе се земе таа плазма од еден пациент којшто е утврдено дека е во фаза во која што има антитела што можат да се дадат на пациент и озонотерапијата со оној апарат којшто го има кај нас ќе почне во болницата „8 Септември“. Има соодветни индикации, не може кај било кого да се аплицира, рече Филипче.

Министерот во гостувањето на утринската програма на ТВ Сител рече дека сепак, точната терапија за лекување на болните од овој вирус во светски рамки допрва ќе се утврдува и дека ние како земја сме дел од студијата со повеќе земји во светот во која ќе се утврдуваат еден од четирите начини со коишто оваа болест ќе се лекува со соодветна терапија и со соодветен пристап.

Филипче повтори дека се уште нема одлука за тоа колква ќе биде полицискиот час за првомајскиот викенд потенцирајќи дека тоа ќе зависи од однесувањето на граѓаните, кои мора да ги почитуваат мерките за носење на заштитна опрема односно маски бројот на новозаболни во следните денови.

– Рано е да кажеме колку часови ќе биде полицискиот час за време на продолжениот првомајски празник, ќе ја почекаме анализата на бројот на случаи од следните неколку денови па до четврток ќе се донесе одлука. Сакам да кажам дека сите опции се отворени затоа што не знаеме каква недела ќе имаме пред нас во однос на новодијагностицирани случаи, рече Филипче.

Каква и да биде мерката, не само за овој викенд туку и за деновите пред нас во однос на полицискиот час, потенцира тој, ова е време во кое мора сите да се стрпиме да издржиме затоашто само така придонесуваме и за нашето здравје и за здравјето на сите околу нас.

Повтори, како што кажа, дека „некои работи во однос на санкциите треба да започнат и порано, бидејќи дел од граѓаните не ги почитуваа мерките“.

-Повеќе од 60 земји од светот имаат воведено вакви рестриктивни мерки и само тие даваат резултати. Има економски и социјален притисок, не само кај нас, но не може туку така да ги олабавиме мерките и да ги пуштиме луѓето слободно да се движат затоа што може да се соочиме со ризик од пик на заразени, нешто што успешно го избегнавме со ова сценарио. И во таа смисла затоа ова зголемување на времето на движење на граѓаните се комбинира со задолжително носење на заштитна опрема, вели министерот.

Според него, ова не е олабавување на мерките туку воведувањето на маските, е дополнителна рестриктивна мерка.

-Зголемување на бројот на часови за движење заедно со носење на заштитна маска би рекол дека е порестриктивна мерка, рече Филипче, посочувајќи дека ризичните групи се раздвоени, а маската е задолжителна што е дополнителна рестрикција во однос на претходно.

Работна група од експерти од Комисијата за заразни болести и стопанските комори работат на тоа како ќе бидат организирани производствените капацитети и одредени мали бизнисни, иако некои од малите претпријатија кај нас функционираа. Но, многу е рано, вели тој, да се зборува за отворање на училиштата и на градинките.

– Тоа ќе биде еден систем што ќе бара реорганизација во однос на бројот на учениците во училиштата, соодветно дистрибуирани по училниците и занимални на децата во градинките. Сега сме се уште фокусирани на очекување на максималниот број на пациенти. Тогаш кога оној фактор ќе падне под единица, бројот на пациенти ќе почне да се намалува ќе почнат и другите мерки, рече Филипче.

Филипче, како што кажа уште два дена е во домашна самоизолација, а потоа треба да направи задолжително тестирање. Времето го користи, како што рече, меѓудругото да направи ретроспектива на тоа што е направено во изминатиот период во борбата со ширење на коронавирусот.