Македонија
20. October 2022 - 10:12

Од денеска жителите на општина Кисела Вода можат да аплицираат за субвенции за огревно дрво

 – Општина Кисела Вода го објави повикот до граѓаните за субвенционирање на дел од трошоците за купување дрва за огрев. Од денеска во наредните 15 дена жителите на Општината кои набавиле огревно дрво во периодот од 1 април 2022 година до денеска можат да аплицираат за финансиски надомест во износ од 500 денари за секој купен метар кубен дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 10 кубни метри. Заедно со останатата потребна документација, треба да се достави доказ – потврда, испратница или официјален документ кој го потврдува купувањето на дрва за огрев.

Како што соопшти Општина Кисела Вода, исплатата ќе се врши по принципот прв дојден, прв услужен се до исцрпување на средствата, обезбедени од Буџетот на општината во висина од 1.200.000 денари.

Јавниот повик заедно со потребната документација е достапна на веб-страницата на Општина Кисела Вода на следниот линк: http://www.kiselavoda.gov.mk/index.php/component/content/article/2-uncategorised/3453-2022-10-19-08-36-05

Сите дополнителни информации може да се добијат на телефон: 02/2785-427.

Покрај субвенциите за огревно дрво, Општина Кисела Вода потсетува дека веќе обезбедија донација за субвенционирање на сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства и субвенција за купување печки на пелети. 

Општина Кисела Вода го почна и проектот „Грижа и сигурност за секое дете“, кој содржи социјални мерки за финасиска поддршка на социјално загрозените и еднородителските семејства. Преку него, децата од овие социјално ранливи категории добиваат ослободување од партиципација за трошоците за згрижување во јавните детски градинки, субвенционирање на дел од цената за месечниот оброк за ученици од прво до трето одделение во основните општински училишта, како и бесплатни курсеви за странски јазици, информатика и спорт.